Прогресивниот данок обилен, граѓаните подозриви за трошењето


Многу мал процент граѓани мисли дека државата разумно троши. Анкета покажа дека само 6 проценти од испитаниците се задоволни од тоа како државата располага со парите од граѓаните. Дури 85 отсто од испитаниците одговориле дека се донекаде или сосем незадоволни од начинот на трошење на собраниот данок.

„Ова укажува дека скандалите со корупција, злоупотребите на јавни средства и високите трошоци за набавки на луксузни стоки или неразумно високите патни трошоци на функционерите влијаеле граѓаните да се скептични дека повисоките буџетски приходи ќе бидат насочени кон социјално маргинализираните лица“, вели Александар Николов од Асоцијацијата „Зенит“ која спровела истражување на јавното мислење за ефектите од реформата на данокот на доход, по половина година од нејзината примена.

А ефектите, иако шест месеци е кус период, покажуваат дека се собрани околу 20 милиони евра повеќе данок на доход за половина година, споредено со истиот период лани. Тоа е 18 проценти раст на приходите по овој основ. Учеството на данокот на доход во БДП се поткрена на 2,75 проценти а досега секогаш се движеше околу 2 проценти, посочи Павле Гацов, даночен експерт.

„Споредено со земјите од регионот, Македонија со висината на даноците е ‘даночна бајка’. Многу е блага прогресијата за да се смета за реформа. Првите ефекти можеме да ги процениме по истекот на годината. Факт е дека оние што плаќаат данок од закуп беа затекнати, затоа што данокот од 8 отсто им се крена на 14-15 проценти. Треба да се размислува за оданочувањето на капиталот. Подобри фискални ефекти може да даде прогресивно оданочување на повеќе нивоа“, смета Гацов, додавајќи дека прогресија од повеќе стапки, иако ќе биде посложена, ќе значи повеќе данок и товарот нема толку многу да се чувствува, бидејќи скокот од 10 на 18 е мошне остар.

Според него, податоците од наплатата на данокот на доход покажуваат дека нема тренд на преселба на бизниси, како што се најавуваше пред стартот на прогресивниот данок. „Македонија има потпишано договори за соработка со даночните управи на повеќе соседни земји и при контроли се откриваат такви намери и се санкционираат. И тоа влијае дестимулативно на обидите да се пренесе приходот од нашава во соседните земји. Чинот на подигање на готовина и во соседните земји е категорија што сигнализира потреба за контрола“, укажува Гацов.

Нема даночни резерви во зголемување на стапката, опфатот или основица, туку во сузбивањето на сивата економија.

„Очигледно имаме базен од каде што сè уште не сме ги исцрпеле сите можности за прибирање на даночни приходи а тоа е во контролните органи, во механизми и алатки кои ќе значат автоматизам на наплата на даноците, на постојано вовлекување на оние што се надвор од легалната економија. Тоа се алатки кои сè уште во нашата држава не ги користиме“, дециден е Гацов.

За Мишо Докмановиќ, универзитетски професор и граѓански активист, ефектите од измените во оданочувањето само ја потврдуваат бројката од две третини од професорите во општествените науки кои би ја напуштиле земјава и би работеле во странство на места под нивно образование.

„Како универзитетски професор, ако ме поканат на конференција во странство и ми платат карта и сместување, треба на износ од 1000 евра да си платам сам 150 евра данок. На овој начин ги обесхрабрувате професорите да ги користат можностите за презентирање во странство. Дополнително, вработени на универзитетот, остваруваат приходи во странство. Во зависност од тоа кај кој службеник во УЈП ќе се паднат, така им наложува што да прават со данокот. Едни не тераат да си го платиме данокот во Македонија и да си бараме поврат на данок во земјата од каде е приходот. Други ни бараат само да ја доплатиме разликата во данокот меѓу двете земји. И трето, останува прашањето за прагот на ДДВ за физички лица. Во Србија тој е 70.000 евра а во Македонија 14.000 евра. Ако ме ангажираат како консултант во странство, од 10.000 евра годишно хонорар ако треба 4.000 евра да платам данок, тоа влијае дестимулативно. Ова треба да се регулира со закон, а не со упатства на УЈП“, рече Докмановиќ.

Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) смета дека законодавецот требало да понуди подобра логика на прогресивното оданочување, подобри пресметки што точно се очекува, подобро математичко претставување на предлогот и отворен дијалог, затоа што ИКТ-секторот со прогресивниот данок се најде на удар.

„Можеби кога зборувате за ИКТ-секторот вие сметате дека зборувате за богати луѓе, но ако за вас тие со 90.000 денари се богати луѓе, многу сте во заблуда. Кога направивме интерна анализа, видовме дека овде граѓанинот не дава за граѓанинот, овде работодавачот ги покрива трошоците. Сега, зборуваме за фела што многу лесно заминува од државата ако не и најлесно. На интернет добиваат пакети за нив и за нивното семејство, секој ден. Постојана е борбата да се задржат, посебно сениорите во областа и за тоа најголемиот дел од работодавачите го преземаат товарот на себе, за да ги покријат трошоците на своите вработени, со цел да ги задржат. Покрај тоа што им даваат различни бенефиции покрај плата“, рекоа од МАСИТ додавајќи дека ако тие пари останеле во фирмите, би завршиле во поголем развој, повеќе вработувања, повеќе донации за факултетите.

Анита Салтировска