Продолжуваат обидите да се усогласи Изборниот законик


Претставниците на парламентарните партии денеска повторно ќе седнат на иста маса во обид да ги приближат ставовите за измените на Изборниот законик, иако разликите околу неколку клучни прашања и натаму остануваат значителни.

Најголеми несогласувања има околу начинот на гласање на македонските државјани во дијаспората, воведувањето една изборна единица и моделот за финансирање на помалите политички партии.

Од СДСМ предупредуваат дека предложените решенија за гласањето на дијаспората можат да отворат простор за изборни злоупотреби. Според партијата, нема оправдана причина за забрзано носење на законските измени и бараат дополнителни гаранции доколку се воведе електронско гласање.

Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека се подготвени да прифатат гласањето на дијаспората да се организира по пошта доколку не се обезбедат услови за електронско гласање. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека неговата партија е подготвена да прифати и други барања доколку тоа овозможи македонските иселеници да го остварат своето право на глас на следните парламентарни избори.

Истовремено ВМРО-ДПМНЕ испрати соопштение во кое ја обвини  Левица дека намерно го блокира Изборниот законик, за, како што велат оттаму, „алчност и политички театар“.Оттаму додаваат дека иако „на маса“ бил ставен договор во кој биле прифатени барањата на Левица, a сепак, партијата го блокира процесот.

„Апасиев повторно го погази зборот, алчни само за пари Левица го блокираат Изборниот законик. Левица и Димитар Апасиев  докажаа дека нивните зборови не вредат ништо кога ќе дојде време да се преземе одговорност. Иако со консенсуз од сите политички партии беше прифатено она што Димитар Апасиев и Левица го бараа, а тоа е повеќе пари за финансирање на кампањата од Буџетот, квази левичарите денес тој договор го поништуваат. Левица со денови јавно зборува за принципи, демократија и една изборна единица, а кога на маса беше ставен договор во кој беа прифатени нивните барања, решија да го блокираат процесот и Изборниот законик“,велат од владејачката партија.

За ВМРО-ДПМНЕ, целта на Левица е да креира вештачки кризи со цел да соберат политички поен плус наместо напредок, реформи и современ и функционален Изборен законик.

„Левица избра да се служи со провиден политички маневр иако фактите се јасни, беше постигнат широк политички консензус и беа прифатени решенија кои ги бараше и Левица. Левица избега од договореното, Апасиев се повлече и одлучи да го блокираат процесот. Граѓаните на дело го видоа лицемерието и двојните стандарди на Апасиев и Левица. Единствено што му е важно на Апасиев се повеќе пари, Апасиев едно зборува пред камерите, друго прави зад затворени врати глумејќи тврдокорен. Левица нуди само популизам. Левица нема решенија, Апасиев нуди само блокади“, велат оттаму.

Левица инсистира на една изборна единица, додека власта ги нарекува „Левичари од тему“ бидејќи според нив намерно го блокираат носењето на измените на Изборниот законик, за пари.