Продолжува судењето за „Пулс“ – сведочат вработени во Општината


Фото: Б. Грданоски

Со изведување на нови докази и сослушување сведоци предложени од Јавното обвинителство, денеска во судницата во Идризово продолжува судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката Пулс во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.

За денешното рочиште обвинителството предложи тројца сведоци – Драги Илиевски, Дејан Рашков и Виолета Георгиевска, сите вработени во Општина Кочани.

Воедно, одбраната на обвинетите треба да се изјасни дали се согласува со повлекување на дел од претходно предложените сведоци од страна на обвинителството. Ова следува откако на минатото рочиште беше доставен список со лица за кои се смета дека нивното сведочење е веќе опфатено преку исказите на други сведоци.

На претходното рочиште сведочеше Живко Ставревски, помошник-генерален инспектор во Дирекција за заштита и спасување, кој посочи дека до 2020 година не биле предвидени редовни инспекциски контроли во општини без инспектори. Според него, Кочани во тој период немало соодветна инспекциска покриеност за проверки и превенција.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките несреќи во поновата историја на земјата.

Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.