Продолжен рокот за тендерот за набавка на новите автобуси на ЈСП


Голем интерес на производителите на автобуси го продолжи рокот за доставување на понудите за набавка на 30 до 40 единечни и зглобни автобуси за ЈСП – Скопје.

Место до 3 мај, компаниите ќе можат до 24 мај да ги достават понудите со техничките карактеристики на еколошките автобуси на компримиран гас.

Продолжувањето на рокот за доставување на понудите нема да ја одолговлечи набавката на нископодните автобуси, кои се очекува да го намалат метежот во градските автобуси и да ги редуцираат трошоците за одржување на јавниот превоз во Скопје.

Новите автобуси на ЈСП – Скопје би почнале да се движат по скопските улици на крајот на 2019 година или на почетокот на 2020 година. Возниот парк со ЕУРО 6 еколошки мотори ќе го намали загадувањето на воздухот од јавниот превоз во метрополата.

Како што се наведува на веб – страницата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), 8 јули е датумот кога се очекува да отпочне реализацијата на договорот со најповолниот понудувач.

Целокупниот тендер за обнова на возниот парк се спроведува во две фази. Во првата фаза ќе се евалуираат понудите за техничките карактеристики на автобусите, но и евентуалната листа на нивни отстапувања од она што е утврдено во распишаниот тендер. По фазата на елиминација, во втората фаза ќе бидат поканети да достават понуди сите компании што ги исполнуваат квалификационите критериуми. На крајот од оваа фаза, ќе се знае цената по која ќе се набават идните автобуси и производителот што ќе ги испорача нив.

Меѓународниот тендер за набавка на нископодните CNG автобуси беше објавен кон средината на март годинава. Покрај кредитот од ЕБОР во висина од 10 милиони евра, за набавката на новите автобуси ќе се обезбедат додатни 1,8 милиони евра од буџетот на ЈСП – Скопје, како и неповратен грант во висина од 1,1 милион евра.