Продолжен притворот за возачот кој го усмрти пешакот на патеката на скопскиот кеј и избега


Фото: Б. Грданоски

По целосно спроведена истражна постапка и обезбедени докази, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за сторени – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, како и – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

На 1 јули годинава, во вечерните часови, обвинетиот управувал мотор „Кавасаки“ по пешачка патека на улицата „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, наменета исклучиво за движење на пешаци. Моторот го управувал без воопшто да поседува возачка дозвола и спротивно на сообраќајните прописи, без да ја прилагоди брзината на движење. Имено, иако брзината на движење на моторот била 35 километри на час, што е помала од максимално дозволената на пат во населено место, сепак на наведената локација таа била поголема од безбедна брзина, имајќи предвид дека станува збор за пешачка патека на која моторот можел единствено да го турка, а не и да го вози. Затоа не успеал навреме да запре и удрил во телото на пешакот Југослав Николовски, роден 1957 година. При ударот, пешакот и сопатникот на моторот се здобиле со телесни повреди, а обвинетиот го оставил моторот и без да им укаже помош избегал од местото на несреќата. Повредениот пешак со тешки телесни повреди бил пренесен на Ургентниот центар во Скопје каде починал, додека сопатникот на моторот се здобил со телесни повреди.