Продажба на автомобили во ЕУ: Дизел и електричните автомобили се речиси изедначени
Во април се регистрирани најмногу возила на бензин, 36 отсто, потоа хибридите 29,1 отсто, дизел автомобилите 12,9 отсто и електричните возила 11,9 отсто.
Во земјите на Европската Унија во април се регистрирани 913.995 нови автомобили, што е за 13,7 отсто повеќе во споредба со истиот месец лани, објави Асоцијацијата на европски производители на автомобили (ACEA).
Сите големи европски пазари забележаа значителен пораст на продажбата на годишно ниво, во Шпанија за 23,1 отсто, Германија за 19,8 отсто, Франција за 10,9 отсто, Италија за 7,7 отсто.
Во април, најголем број нови возила на бензин се регистрирани со 36 отсто, потоа хибридни возила (HEV) со 29,1 отсто, дизел возила со 12,9 отсто и возила со батериски електричен погон (BEV) со 11,9 отсто.
Бројот на регистрирани електрични возила со батерии во април е зголемен за 14,8 отсто на годишно ниво, на 108.552 автомобили.
Уделот на хибридите (HEV) значително се зголеми на годишно ниво, бидејќи во април 2023 година изнесуваше 24,9 проценти.
Ако ги анализираме податоците за првите четири месеци од 2024 година, ќе заклучиме дека бројот на нови регистрирани автомобили во ЕУ се зголемил за 6,6 отсто на годишно ниво на речиси 3,7 милиони возила, според ACEA.