Проценета на 8,4 милиони евра: Кој ќе ја купи зградата на Еуростандард банка во строгиот центар на Скопје?

На 15 март годинава е закажана јавна аукција за главната зграда на пропаднатата Еуростандард банка која што се наоѓа во строгиот центар на Скопје, во непосредна близина на плоштадот Македонија. Огласот е веќе објавен на сајтот за електронски аукции, при што се наведува дека проценетата вредност на зградата е околу 520 милиони денари или околу 8,4 милиони евра.
Од Здружението на оштетени штедачи преку соопштение до медиумите посочува дека зградата е „една од малкуте останати вредни имоти кои не се украдени поради фактот што не можела и физички да биде украдена додека била и останала во сопственост на самата банка“.
„Нејзината вредност останува да биде како утеха за оштетените депоненти, граѓани и фирми, дека сепак има останато нешто вредно од банката и дека не е се украдено“, велат од Здружението.
Наддавањето ќе трае 30 минути, но може да биде продолжено за десет минути доколку има понуда во последните 10 минути или помалку од 10 минути.
За зградата нема загарантирана цена, односно почетната понуда е нула денари. Како понудувач се јавува стечајниот управник Маринко Саздовски.
Целата понуда може да се види на следниот ЛИНК.
Инаку од Здружението на оштетени штедачи велат дека „главната зграда на Еуростандард банка беше симбол за стабилност и сигурност, верба во банкарска институција со која може да се соработува“.
„Оштететните депоненти, граѓани и фирми, имаат можност да ги повратат барем еден дел од нивните украдени пари преку продажба на атрактивната зграда на Еуростандард банка. Таа е една од малкуте вредни имоти кои останаа во рамките на стечајната маса и која сега се нуди за продажба. Тоа е можност за сите заинтересирани домашни и странски субјекти да навремено достават банкарска гаранција или да извршат уплата на депозит за учество на јавната електронска продажба на зградата согласно условите наведени во огласот. А огласот кажува дека електронското надавање за главната зграда на банката е закажано и ќе се случи на 15 март оваа година. Сите оштетени депоненти од Еуростандард банка посакуваат успешно идно користење и берикет на најдобриот понудувач и купувач на зградата“, порачуваат од Здружението на оштетни штѕедачи на Еуростандард банка.