Признание од Штедилницата ФУЛМ за д-р Љубе Трпески


Штедилницата ФУЛМ, вчера на свеченост му оддаде признание на универзитескиот професор д-р. Љубе Трпески, кој беше и гувернер на Народна банка на Република Македонија во период од 1997-2004 година, како признание за неговата исклучителна улога при основањето на Штедилницата. За таа цел во централата на Штедилница ФУЛМ се одржа свечен настан при што беше поставен портрет на професорот Трпески.

Од ФУЛМ посочуваат дека со овој настан, се оддаде заслуженото признание на професорот Трпески за неговата визија и поддршка за развојот на депозитни институции во времиња на економски предизвици, пирамидалното штедење и ризици.

„Благодарение на поддршката и визионерскиот пристап на тогашниот гувернер, на македонскиот пазар се воспостави иновативна финансиска институција, која работи според бизнис моделот на кредитни унии. Денес, со гордост одбележуваме 25 години постоење, со довербата на илјадници микро штедачи, кои со своето учество придонесоа за растот и развојот на нашата заедница“, велат од ФУЛМ.

На настанот присуствуваа и вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, Претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова Штериева и Извршниот секретар на асоцијацијата Милена Перченкова, што несомнено ја отсликува поддршката што ФУЛМ ја добива од водечките финансиски и институционални институции.

Настанот беше збогатен со пригоден говор од професорот Трпески, кој ги сподели своите размислувања и искуства поврзани со вредностите на штедење, но и финансиска одговорност, по повод Светскиот ден на штедењето. По говорите, гостите имаа можност да уживаат во закуска произведена од нано бизниси во сопственост на жени претприемачи, како и македонско вино од малите семејни винарии – симбол на локалната автентичност и заедништво.