Приведени уште седум полициски службеници околу истрагата за Кочани


Фото: Б. Грданоски

Државниот обвинител Љупчо Коцевски вечерва на Топ тема на Телма објави дека пред да влезе во студиото добил информација дека основниот обвинител издал решение за приведување на седум полициски службеници кои утре ќе бидат најверојатно изнесени пред судија за претходна постапка. Коцевски не можеше да каже дали овие полицајци се сега на функција или се од претходната постава.

Според Коцевски, објектот „Пулс“ не бил познат само на полицијата, бил познат на целиот град. Бил познат и на локалната самоуправа, бил познат и на сите надлежни институции кои што требало да функционираат.

„Тоа значи дека 13 години во Кочани не е извршен никаков инспекциски надзор на објектот“, рече Коцевски.

Во однос на полициските службеници кои биле ноќта, додаде Коцевски, „јавното обвинителство сè уште собира докази зошто отишле, по чиј налог, што презеле и кога се случил пожарот“.

Неофицијално, дел од лицата кои се приведуваат се  пензионирани, а се поврзуваат со издавањето на дозволи кои помогнале да се издаде лиценца за дискотеката „Пулс“ за да може да работи. Со ова, бројот на осомничени полициски службеници се искачи на 14 лица, бидејќи веќе се приведени други седум полицајци.

Коцевски соопшти исто така дека Јавното обвинителство ќе докаже дека се работи за евентуална умисла, а тоа значи дека секој  бил свесен дека со неговото сторување или несторување може да настапи штетна последица.

„Што значи дека секое непреземање на одредено дејствие, односно народски кажано, секој кој што не постапил согласно законот, односно пропуштил одредени дејствија има одговорност. Таа одговорност е верижна, затоа што тука се вклучени повеќе институции. Тука е вклучен Државниот пазарен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување, Општината како локална самоуправа и министерството за економија“, рече Коцевски.

Министерството за економија е последно во низата, додаде тој, со начинот на издавање на лиценци.

  „Сите претходно, за да се прибави лиценца, треба  да имаат документација во однос на исполнување на услови за отворање на кабаре“, рече Коцевски.