Пристигна трејлерот за „Одисеја“: Мет Дејмон се бори со чудовишта во епот на Нолан
Пристигна првиот трејлер за „Одисеја“, долгоочекуваната филмска адаптација на епот на Хомер, потпишана од познатиот режисер Кристофер Нолан. Главната улога на грчкиот херој Одисеј, кој се обидува да се врати дома по Тројанската војна, ја игра Мет Дејмон, а најавата ветува визуелен спектакл полн со акција, чудовишта и опасност.
Трејлерот го прикажува Одисеј и неговата војска како се упатуваат на опасно патување дома по бродоломот. Одисеј патува по копно, море и низ темни пештери, каде што во сенките се извишува огромен, злокобен ѕвер. Трејлерот накратко го прикажува Том Холанд како синот на Одисеј, Телемах, и Ен Хатавеј како неговата сопруга Пенелопа.
Заедно со Дејмон, Холанд и Хатавеј, Нолан собра импресивна екипа во која се Зендаја, Лупита Њонго, Шарлиз Терон, Миа Гот, Бени Сафди, Џон Бернтал и Џон Легуизамо. Нолан, покрај режијата, го напиша и сценариото и го продуцираше филмот со својата сопруга Ема Томас.
Епска продукција и режисерска визија
Universal Studios минатиот декември објави дека филмот ќе биде „снимен низ целиот свет со користење на сосема нова IMAX филмска технологија“, објави Variety. Извршниот директор на Universal, Џим Ор, ѝ вети на публиката на CinemaCon „визионерско кинематографски ремек-дело кое се случува еднаш во генерација и на кое самиот Хомер веројатно би бил горд“.
Актерот Џон Легуизамо го спореди пристапот на Нолан кон работата со оној на независен режисер. „Тој не го прави тоа по одбор, не го прави тоа по она што го кажува студиото“, рече Легуизамо во емисијата Morning Joe. „Тој е како независен режисер, но со голем буџет“, додаде тој.
Обожавателите поделени
Трејлерот за „Одисеја“ собра повеќе од 13 милиони прегледи на YouTube за еден ден, но гледачите се поделени. Додека некои со нетрпение очекуваат да го видат филмот, други се разочарани од палетата на бои и костимографијата.
„Таа сцена со бродот во бурата дефинитивно ќе изгледа и ќе звучи неверојатно во кината“, напиша еден обожавател на Reddit, додека друг додаде: „Ме потсетува на планетата во „Интерстелар“.“
„Лудвиг Герансон компонираше уште едно ремек-дело, а кинематографијата изгледа неверојатно“, напиша трет.
„Не ги молам да направат историски точен филм, но ова воопшто не изгледа како нешто што се одвива во Античка Грција. Повеќе изгледа како да е сместено во Скандинавија за време на ерата на Викинзите“, напиша еден разочаран гледач.
„Ништо во овој трејлер не ме потсетува на Медитеранот“, додаде друг, додека трет напиша: „Изгледа како да е сместено на брегот на Норвешка“.
„Одисеја“ ќе се појави во кината на 17 јули 2026 година.