Пристига новиот филм на Спилберг за вонземјани , тизерот е прегледан 7,7 милиони пати
По култните филмови како што се „Е.Т.“, „Блиски средби од третиот вид“ и „Војна на световите“, режисерскиот гениј Стивен Спилберг повторно се враќа на жанрот што го дефинираше – вонземска научна фантастика. „Универзал“ вчера го објави првиот тизер за неговиот долгоочекуван филм „Disclosure Day“, кој ќе се појави во кината во 2026 година и ветува нова доза на мистерија и неизвесност.
Двоминутното видео го прикажува Џош О’Конор, ѕвездата на Wake Up Dead Man, кој очигледно открил докази за вонземски живот. „Луѓето имаат право да ја знаат вистината“, изјавува тој во тизерот. „Таа им припаѓа на седум милијарди луѓе“.
Тизерот нè запознава и со Емили Блант, водителка на телевизијата од Канзас Сити која мистериозно ја губи способноста да зборува за време на пренос во живо. Прашањето е дали таа самата е поврзана со вонземјаните. Во една од сцените, го гледаме и добитникот на Оскар Колин Ферт на медицинската столица, момент пред неговите очи да ја променат бојата.
Вистината им припаѓа на сите
Официјалниот синопсис на филмот дополнително ја зголемува тензијата: „Ако знаевте дека не сме сами, ако некој ви го покаже, докаже тоа, дали би ве исплашило? Ова лето, вистината им припаѓа на седум милијарди луѓе. Се приближуваме до… Денот на откривањето.“
Спилберг ја потпишува режијата и продукцијата, додека сценариото го напиша Дејвид Коп според оригиналната идеја на Спилберг. Заедно со О’Конор, Блант и Ферт, во екипата се и Ив Хјусон, Колман Доминго и Вајат Расел. Премиерата на филмот Disclosure Day е закажана за 12 јуни 2026 година.