Приштина тврди дека еден од убиените Срби бил телохранител на Вулин


Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељал Свечља, објави дека еден од тројцата вооружени српски напаѓачи, убиени во неделата во акцијата на косовската полиција во Бањска кај Звечан, е телохранител на шефот на Агенцијата за разузнавање во Србија (БИА), Александар Вулин.На неговата страница на Фејсбук, Свечља објави слика од убиениот Бојан Мијаиловиќ, за кого тврди дека како телохранител го придружувал Вулин за време на неговата посета на Косово во 2013 година, како тогашен министер за внатрешни работи.

– Вчера преку видео снимки го докажавме присуството на велекриминалецот и водач на терористичката акција, Милан Радојичиќ. Во меѓувреме, денеска е потврдено дека еден од убиените, кој исто така бил учесник во тој чин, е Бојан Мијаиловиќ, телохранителот на шефот на српската БИА, Александар Вулин, при неговата посета на Република Косово во 2013 година, напиша Свечља.

Според косовскиот министер за внатрешни, Србија како држава е целосно вклучена во нападот против Косово.

– За оваа работа, веќе постои формална и структурна поврзаност на вмешаноста на (претседателот на Србија) Александар Вучиќ во нападот на 24 септември во Бањска кај Звечане: Милан Радојичиќ, како потпретседател на (партијата на косовските Срби) Српска листа и телохранителот на Александар Вулин, шеф на БИА. Обајцата се исто така санкционирани на црната листа на САД. И двајцата се меѓу најблиските луѓе на претседателот на Србија, напиша Свечља.

Тој вели дека фактите за неделниот напад во северно Косово, во кој беше убиен припадникот на косовската полиција, Африм Буњаку, се доказ оти намерите на Србија кон Косово не се сменети од времето на поранешниот српски лидер, Слободан Милошевиќ, кој почина во притворот на Трибуналот во Хаг 2006 година, додека му се судеше за воени злосторства во поранешна Југославија.

– Дури и најголемите оптимисти кои до сега се лажеа себеси за промените во оваа држава, верувам дека деновиве се уверија во спротивното. Сакам уште еднаш да изразам благодарност за издржливоста на косовската полиција тој ден и за нивната неспоредлива професионалност, акција во која нема повредени цивили, порача Свечља.

Повеќе земји членки на ЕУ барале воведување мерки против Србија доколку се докаже дека има поврзаност со нападот во Бањска на северот на Косово на состанок на Комитетот за политика и безбедност, составен од амбасадори на земјите-членки на ЕУ, на кој се разговарало за новонастанатата ситуација во Косово, во светло на нападот во Бањска на 24 септември.

-Она што се случи во неделата на северот на Косово, количината на оружје што е пронајдено и информациите кои постојано ни доаѓаат од местото на настанот ја менуваат играта, изјави извор од ЕУ.

На средбата присуствувал и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, како и претставници на европската мисија за владеење на правото на Косово, ЕУЛЕКС.Лајчак има намера да ја посети Приштина во наредните денови, иако се уште се работи на модалитетите на таа посета, пишува РСЕ и додава дека, како што е познато, Лајчак нема сам да ја посети Приштина, туку најверојатно со себе ќе донесе делегација на претставници од клучните земји од ЕУ кои се вклучени во процесот на нормализација на односите меѓу Косово и Србија.