Природонаучниот музеј во Скопје ќе се модернизира и дигитално збогатува со донација


Природнонаучниот музеј во Скопје, во пресрет на неговиот 100-годишен јубилеј, ќе се модернизира и дигитално збогатува со значајна донација во износ од 150 илјади евра од  Стопанска банка АД – Скопје, и во цело столетие од неговото работење, е прва ваква поголема донација директно вложена во музејската зграда.

По тој повод, министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска го посети Природонаучниот музеј – Скопје, каде заедно со генералниот извршен директор и претседател на управниот одбор на Стопанска банка АД Скопје Хрисула Кутуди и директорот на оваа национална установа потпишаа Меморандум за соработка, со кој ќе се овозможи модернизација на музејот.

– Со овој Меморандум поставуваме пример за тоа како јавниот и приватниот сектор можат успешно да соработуваат за создавање подобри услови за учење, за иновативни културни и научни содржини и за поддршка на младите генерации. Особено ме радува што проектите што ќе се реализираат, од „Магичната соба“, до подобрената пристапност, модерната веб-страница и новите дигитални алатки, директно ќе влијаат врз развојот на љубопитноста, знаењето и креативноста кај најмладите посетители, потенцира Љутков.

Најави дека Министерството останува целосно посветено на обезбедување институционална поддршка и создавање услови во кои ваквите партнерства ќе продолжат да растат.

null

Директорот на Природонаучниот музеј во Скопје Ивица Заркадов изрази благодарност за значајната донација.

– Со овие средства музејот ќе ги обнови влезниот портал и холот, ќе ја изгради првата интерактивна соба, т. н. MAGIC ROOM, која првпат ќе ја имаме во Македонија и во која посетителите ќе доживеат вистински времеполов. Ќе отпатуваат на најнеобичните места од денешницата и праисторијата. Ќе го видат настанокот на светот, ќе се сретнат со праисториски животни и инсекти и ќе нурнат во најдлабоките океани. Исто така ќе ја модернизираме и веб-страницата, овозможувајќи виртуелни прошетки, купување онлајн билети, пристап до сите информации во музејот, како и до сите периодични списанија кои ги издава музејот, информира Заркадов.  

Тој информира дека во изминатите години музејот го посетувале од 10 000 до 14 000 посетители годишно. Со имплементацијата на овој проект очекуваат посетата најмалку двојно да се зголеми и музејот да стане еден од најпосакуваните во земјата, како за учениците и младите, така и за туристите кои ја посетуваат Македонија.