Примарното здравство ќе се подобрува со пет протоколи – фокус на кардиоваскуларни болести


Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски, по повод Светскиот ден на здравјето, најави значителни реформи за примарната здравствена заштита.

Тој соопшти дека се воведени пет нови протоколи за примарното здравство, вклучувајќи кардиоваскуларни и слични болести.

– Следните мерки се за подобрување на здравствена заштита и МЗ веќе донесе 5 протоколи за примарното здравство, вклучувајќи кардиоваскуларни и слични болести кои ќе подразбираат поголемо внимание на матичните доктори кон овие болести. Дополнително, за тоа Фондот воведува нови цели за превенција и рано откривање на малигни заболувања на простата, дебело црево и грло на матка кои треба да делуваат во синергија со превентивните програми на МЗ. Првпат се воведува превентивна цел насочена кон менталното здравје, со посебен акцент на раното откривање на депресија кај млади лица на возраст од 18 до 35 години. Дополнително, се воведуваат мерки за рана дијагноза на крипторхизам кај деца и деформитети на рбетниот столб. Како целосна новина, се воведува и програма за едукација за вакцинација, со цел обезбедување навремено и целосно спроведување на вакциналниот програм – посочи Клековски.

Тој потенцира дека е неопходно помладите лекари да се мотивираат да ја одберат примарната здравствена заштита поради високата просечна возраст на матичните лекари.

– Постојат административни пречки во трансферот на ординациите од постари на помлади лекари. Мора да ја олесниме процедурата за пренос и да создадеме финансиски мотивирачки услови – нагласи Клековски.

Капитацискиот бод се зголемува за 33%
Македонската влада најави историско зголемување на капитациониот бод за матичните лекари, со што значително ќе се подобрат условите и платите во примарното здравство, соопшти премиерот Христијан Мицкоски, честитајќи им го празникот на здравствените работници и изразувајќи им благодарност за нивната посветеност.

– Имам добра вест за јакнење на примарната здравствена заштита. Донесена е одлука за историско зголемување на капитациониот бод за матичните лекари од општа медицина, гинекологија и од стоматологија – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека вредноста на капитациониот бод се зголемува од 75 на 100 денари за општите матични лекари и за гинеколозите, и од 61 на 75 денари за стоматолозите, што претставува покачување од 33% односно 23% и е значајно за мотивацијата на лекарите во примарното здравство.