Принс почестен со автопат во Минесота


Минеаполис– Седум години по неговата смрт на 57-годишна возраст, музичката легенда Принс е почестен во неговата родна држава Минесота со автопат именуван по него.

Со гласање од 55 спрема 5, Сенатот на Минесота гласаше за преименување на делот од 7 милји од државниот автопат 5 во Меморијалниот автопат на Принс Роџерс Нелсон. Автопатот минува низ предградијата на Минеаполис, Чанхасен и Еден Прери, во близина на седиштето на издавачката куќа на легендарниот музичар, Пејсли Парк Рекордс, која од неговата смрт е во функција како музеј .

„Принс беше вистински гениј, визионерски уметник кој ги помести границите на музиката и културите на начини кои никогаш нема да бидат заборавени. Неговото влијание може да се слушне во работата на безброј музичари кои дојдоа по него, а неговото наследство продолжува да ги инспирира новите генерации уметници до ден-денес“, рече државниот сенатор Џулија Колман, која го спонзорираше законот, кога требаше да се гласа.

Предлог-законот дојде до Сенатот на Минесота откако беше едногласно усвоен од Домот. Се очекува да го потпише гувернерот на Минесота, Тим Волц.

Спомен-автопатот ќе биде обележан со виолетови знаци по должината на рутата долга седум милји. Тоа го плаќаат пријателите на Принс, како и некои негови обожаватели.

Кампањата за именување на автопат по Принс ја започна неговиот пријател Марк Вебстер, кој исто така работи во Пајсли Парк во обезбедувањето.

Принс почина на 21 април 2016 година од случајно предозирање со фентанил. Ѕвездата од „Purple Rain“ и „Batdance“ со години приватно се бореше со зависност од опиоиди, според Њујорк Тајмс. Тој се обидуваше да лекува огромна физичка болка поради повредите здобиени додека настапуваше.