Прилеп со награда за животно дело му се оддолжи на Тачко Локвенец: Со врвното перо остави печат во времето
Тачко Локвенец, новинарот кој успеа Прилеп да го наметне како еден од центрите на општествениот живот на Македонија, постхумно е добитник на наградата за животно дело што Прилеп ја доделува по повод 3 Ноември-Денот на ослободувањето на градот. Локвенец кој беше еден од врвните мајстори на македонскиот журнализам, често недофатлив во својот стил, почина во февруари на 79 години од компликации од корона вирусот.

-Новинарството е најинтересната и најнеблагодарната професија! Но, на крајот на денот, она што останува е душата, срцето, умот, интелектот кој зрачи, говори низ ракописот, низ призмата, темпераментот, наравот на новинарот, кој над се, оставил печат во времето!И по сите години творештво, најмалку што може градот да направи за да му се оддолжи на новинарот, е да му врачи признание, не кое било, туку највисокото општинско признание „3 Ноември“. Градот вечерва му се оддолжи на Тачко Локвенец! За жал постхумно!Колегата Тачко Локвенец беше хроничар на Прилеп. Особено последните 2 децении тој избираше да го бележи само доброто и убавото. Мудроста зрачеше од него. Секогаш избираше да го гледа убавото во човекот. Бегаше од малограѓанштината! Уживаше во ненаметливите дебати за светските книжевни великани. Беше вљубен во духот на прилепската чаршија. Не престануваше да чита и да се восхитува на успесите на сите свои сограѓани, на младите. Иако мудар, не мудруваше! Избираше почитта да биде јазикот на неговата комуникација со луѓето! Ослободен од ароганција, со одамна скротено, надрастено „его“, имаше разбирање за постапките на сите граѓани!„Има оправдување за секоја грешка и постапка на секој човек. Живот е тоа!“ – ќе речеше.
Одмерен и ретко културен! Ете ваков го познавам и ваков ќе го паметам. Ни ја остави можеби најдобрата лекција нам, новинарите на Прилеп! Да научиме да се почитуваме, да култивираме пријателство и меѓусебна поддршка!
Денеска кога Општина Прилеп му го доделува највисокото општинско признание, многу сакав да ја земе наградата во свои раце. Не оти не добил други, туку затоа што ова е признание од Градот, во кој и за кого твореше! Сакав да му ја видам реакцијата, особено затоа што, „не умееше многу да се снајде“ кога се зборува за неговите успеси. Вистина беше скромен и шкрт во зборовите за себе.
Почитуван, драг колега и пријателе, денеска нека чуе и небото, и таму нека се шири гласот на радоста и почитта за тебе! Почивај во мир! Вечна слава!
Честитки до семејството Локвенец, горди наследници на овој прекрасен човек кој даде голем придонес, остави печат во македонското новинарство и новинарскиот еснаф во Прилеп!, изјави вчера, на доделувањето на постхумната награда, Моника Талеска, директор на Градската библиотека во Прилеп и поранешен новинар.