Прилеп: Архивски досега неоткриени приказни


Како да влегувате во друг свет. Околу вас безброј документи, тапии, фотографии, потврди, преписки. Животот на едно време, историјата на еден народ. Такво е чувството секогаш кога ќе се влезе во Архивот. Прилепскиот, еден од најстарите во земјава, кој лани одбележа 65 години постоење, постојано ја обновува, ја преведува, ја архивира документацијата за животот во овој дел од земјава низ вековите, децениите. Ги бележи сите промени. Но и открива нови факти. Постојано. Ние, пак, влеговме во архивскиот свет и неговите приказни.

Со последните преводи и архивирања, особено на Османлиските документи, вчудовидуваат и новите откритија. Едно од нив се однесува на историјата на Прилеп, ново фактографско гледање на работите и на наследството. Ете, само превод на еден документ носи нови сознанија. Познатиот ѕид во центарот на градот пред кого е камената бина на плоштадот „Александрија“ не бил Куршумли ан, туку дел од голем Безистен полн со сокаци, дуќанчиња.

За што станува збор, Елена Чагороска, директорка на прилепскиот Архив возбудено објаснува.

-Сега, кога ја објавувавме Монографијата за 65 години од постоењето на Архивот, еден од најстарите во земјава, откривме нов турски документ кој фрла нова светлина за она што досега сме го знаеле. Се однесува за најпознатиот ѕид во центарот на Прилеп. До неодамна мислевме дека ѕидот е дел од некогашен Куршумли ан. Со тој турски документ се открива дека е изграден во 15-иот век, во Османлискиот период. Но, во 1892 година, од кога е овој нов османлиски документ, се нагласува дека адмиистратор од османлиската држава купува дел од Безистенот, како негова сопственост. Со тоа дознаваме дека во Безистенот имало улички, дуќанчиња. Тоа е многу битно. Значи познатиот ѕид во центарот на Прилеп не бил дел од Куршумли ан, туку од голем Безистен, објаснува Чагороска.

Кој знае што ќе донесат новите преводи и „чепкањето“ низ броjните хартии, документи. Прилепскиот архив е ризница на документација. Од Османлискиот период, па сѐ до денес. Тоа значи дека низ вековите и сите овие децении, архивистите собирале документација од секој период. Макар што тешка била задачата за собирањето на документацијата, знаејќи ги сите превривања низ државата, сепак останала дел од документацијата која е сочувана. Голем дел од материјалот од Втората светска војна е однесен и е во архивите на соседните земји.

-Многу од документацијата „зборува“ за општествените промени од, би рекле, последните периоди, од Втората светска војна. За време на Војната, материјалот е однесен. Значи, секој што доаѓал, го разнесувал материјалот низ сите соседни држави, и пошироко, така што, малку документација е останата. Сета документација што ја има собрано прилепскиот архив, посебно е од подарена документација, мислам на Турскиот период. Исто и од подарена документација од приватни фондови и лица, што многу ни значи. Значи, секој документ кој е донесен во архивот нам ни е добредојден. Сето тоа е историја, не само за градот, туку и за државата, ризница од документација која е богатство за нашата историја, за нашиот идентитет. преку документите ги следиме сите промени: политички, економски, културни, просветни, вели Чагороска.

Инаку, претежно, постариот архивски материјал од Османлискиот период е во Државниот архив каде се заштитува и се преведува каде има одделение за Османлискиот период.

-Значи, ние, главно, се осврнуваме на новиот период на Фондови. Прилепскиот архив има богатство од 611 фондови. Од нив 604 фондови се средени и обработени и сме еден од првите архиви кои напредува во архивистиката. Државниот архив има визија. Веќе има направено сукцесија со многу од архивите од соседните држави и тоа е нареден план. Годинава државниот архив одбележува 70 години постоење, објаснува Чагороска.

Граѓаните секогаш доаѓаат да го потврдат, со документ, тоа што им треба. Годишно се околу 500 барања, главно за имотно-правните односи, за потврдување стаж по стечаите. Се обновува судската документација.

-Барањата на странките се големи. И во екот на пандемијата. Научивме нов метод, странките електронски да се обраќаат. Најмногу ни се обраќаат за документи за завршено образование, за стаж, за документи од урбанизмот, од имотно-правните односи. Преземено е и судството. Имаме материјал од пред 5 децении, но сега во тек е преземањето на материјал од 2000 архивски кутии, од 1945 до 1970-та година. Годишно има барања за увид во документи од 400 до 500. Имало години и со 900 барања. Кога имаше потреба од остварување стаж, годишно имавме и преку 1 600 барања, кога беа стечајните постапки во фирмите и со бенефицираните стажови, раскажува Чагороска.

Прилепскиот архив е институција со отворени врати, одговара на сите барања. Постојано доаѓаат истражувачи да се „загубат“ во ридовите документи, да ја поминат и да ја преживуваат „историјата“ низ факти. И да ја потврдат. Досега, преку 600 истражувачи го посетиле Архивот. Од земјава и од странство. Така ќе биде секогаш, велат од Архивот. Оти, пред фактите и боговите молчат.

Сега ќе се прави ревизија и на старите фондови.  Кој знае што ќе се открие ново?

-Ги следиме сите општествени промени. Следниот чекор е дигитализација на документарниот фонд. При таквата ревизија можеби ќе произлезе документ што ќе биде значаен. Ете, како во случајот со прилепскиот познат ѕид. А многу ни е битна личната документација која ќе ни биде подарена. Тоа може да отвори нови сознанија. Кој знае што може да се открие?, мистериозно вели директорката на прилепскиот архив, Елена Чагороска.

Прилепскиот познат ѕид молчи, ама преку документите – проговори. И многу познати објекти во Прилеп на тој начин може да раскажат многу нови приказни. Зачудувачки и фасцинантни. Затоа светот на архивските документи секогаш е фасцинантен. Ги чува и најстарите документи: и доаѓањето на првиот воз во Прилеп, и потписот на Марко Цепенков и ….

При нова средба со архивските документи сигурно ќе откријат уште пофасцинантни факти. Нестрпливо ја очекуваме.