Пријавете се за второто Државно квиз првенство – прашањата ги правеше минатогодишниот победник

Македонската квиз асоцијација (МКА) го организира второто Државно квиз првенство на
Македонија кое што ќе се одржи на 14 септември, во Работничкиот Универзитет “Кочо Рацин“ во Скопје, отворено за сите љубители на квизот, во индивидуални натпреварувања и во двојки.
По тој повод, од МКА велат: „ги покануваме сите заинтересирани да ни се придружат на ова првенство односно оваа интересна и интелектуална квиз-забава, каде што можете да се натпреварувате и да го покажете Вашето знаење во разни области! Единствени критериуми што е потребно да ги исполнуваат натпреварувачите е да сакаат да го покажат своето знаење и да сакаат дружба и забава и најважно, сите нешто да научиме. Ве охрабруваме, сите што имате желба да учествувате на вакви настани, да ни се придружите.“
Државното квиз првенство на Македонија за 2025 година се состои од два настана, поединечно натпреварување и натпревари во двојки.
Поединечното натпреварување се состои од пишани тестови со 200 прашања од осум различни области (спорт, наука, историја, свет, медиуми, животен стил, култура и забава)
на кои што секој учесник треба да одговори точно, на што поголем број прашања, за два часа. Автор на квизот е минатогодишниот државен првак Жан Павлов.
Натпреварите во двојки се состојат од вкупно 150 прашања кои ќе бидат распоредени во два дела. Првиот дел се состои од 100 прашања и времето за решавање за нив е 60 минути, а по нивното прегледување, најдобрите парови учествуваат во финалниот дел кој се состои од 50 прашања и се решава 30 минути. Поените од двата дела се собираат, со тоа што поените освоени во финалната рунда вредат двојно. Автори на овој квиз се минатогодишните шампиони Филип Гогу и Ален Калач.
Од МКА ги канат сите заинтересирани на учество на првенството и членство во асоцијацијата која организира мноштво квиз настани во текот на целата година и низ разни градови низ земјата. Поединечната котизација за секој од квизовите изнесува 200 денари по човек, додека за учесниците кои се пријавени на двата квизови ќе ги чини 300 денари. Котизацијата можете да ја уплатите во живо на денот на одржување на првенството или на жиро-сметката на МКА: 210075841210139.
Првенството започнува во 11ч. во РУ “Кочо Рацин“ на ул. Мирче Ацев бр. 4, Скопје.
Пријавувањето можете да го направите на следниот линк:
https://forms.gle/XExzrP6BAuutqbxD7