При руски напад врз пристаништето Одеса уништен хангар со жито
Напад со руски беспилотни летала е извршен врз пристанишната инфраструктура во регионот Одеса, јужна Украина, каде е уништен хангар за жито, соопшти денеска украинската оперативна команда за југот на земјата.
– Нападот со беспилотни летала Шахид 136, насочени кон пристанишната инфраструктура, траеше речиси четири часа. Оштетени се хангар за жито и објекти за складирање на друг товар, објави украинската армија на Фејсбук.
Русија ги засили нападите низ Украина, вклучително и пристаништето Одеса, откако минатиот понеделник одби да го продолжи Договорот за извоз на украинско жито преку Црно Море.
Украинските власти соопштија дека во воздушниот напад биле ранети 22 лица, меѓу кои и неколку деца, и сериозно била оштетена најголемата катедрала во Одеса.
Во руски ракетен напад врз украинскиот пристанишен град Одеса, вчера, загинало најмалку едно лице, 22 се ранети и тешко е оштетена православната катедрала.
Олег Кипер, гувернерот на Одеса, на апликацијата за пораки Телеграм рече дека меѓу ранетите во воздушниот напад во неделата има неколку деца.
„Одеса, уште еден ноќен напад на чудовиштата“, рече тој.
„Четиринаесет лица беа хоспитализирани во градските болници, од кои три беа деца“, рече тој.
Во нападот беа уништени и шест куќи и станбени згради, додаде тој.
Русија речиси секојдневно ја бомбардира Одеса и другите украински објекти за извоз на храна во текот на изминатата недела, откако таа се повлече од договорот за поморски коридор, постигнат со посредство на Обединетите нации, кој овозможи безбедна испорака на украинско жито.