Превозниците се организираат – идниот понеделник два часа ќе протестираат пред седиштето на ЕУ
Македонските превозници идниот понеделник, наз 31 овој месец два часа ќе ја блокираат крстосницата пред седиштето на Делегацијата на Европската унија во Скопје како знак на револт поради сѐ уште нерешиот статус и ограничувањата при нивниот престој во земјите на Шенген зоната. Ваков протест ќе има и во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, соопштија од асоцијацијата Макам-транс, најголемото здружување на работодавачи на превозни трговски друштва во нашата земја.
Во објавата на профилот на Макамтранс на Фејсбук, се вели дека одлуката за протестот била донесена на состанокот одржан во петокот, на 21 овој месец. На состанокот тема биле проблемите со престојот во Шенген, односно ограничувањето 90/180 денови престој во Шенген Зоната за професионалните возачи, со што тие се изедначуваат со обилните граѓани.
Од Макамтранс велат дека на 31.08.2026 година ќе се одржи протест пред седиштето на Делегација на Европската Унија во Скопје, со минимум 20 возила и присуство на голем број физички лица од сите градови на државата (сопственици, возачи и други вработени). Ваков протест ќе има во сите четири држави (Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија) во временски период од 12:00 до 14:00 часот.
„Овој протест е пред одржување на состанок во Брисел на Работната група кој треба да се одржи на 01.09.2026 година“, се вели во објавата.
Од асоцијацијата на превозницте посочуваат дека доколку на состанокот не се донесе преодно решение за престој на возачите во Шенген зоната, предложено е да се одржи протест на граничните премини на секоја држава поодделно со почеток на 14.09.2026 година.
„За овој вид на протест потребно е согласност од превозниците на секоја држава, но и добивање на одобрение од надлежните органи, особено што се планира ист протест како и во јануари годинава, кој може да трае подолго и од 10 дена“, појаснуваат од Макамтранс.
Од таму додаваат дека во оваа фаза асоцијациите од четирите држави собираат согласност од превозниците за организација на протестот како предупредување на Европска Унија, која во изминатите седум месеци не покажа добра волја за надминување на проблемот иако во визната стратегија се признаа возачите како професионалци кои вршат дејност.
„Ќе се побара согласност од надлежните органи и дефинирање на стоки кои ќе се пропуштаат, а се од интерес на државата и целокупното население (нафта и нафтени деривати, јаглен, потребни орудија и препарати за општините и јавните претпријатија, муниција и др.)
За оваа цел е пратена анкета како би се утврдила согласноста од поголем број на превозници (70%) во државата или одбивање на предложениот протест доколку генерално нема согласност од превозниците“, се вели во објавата на Макамтранс.