Претставени првите возила „страјкер“ набавени од САД за Армијата
Во касарната „Страшо Пинџур“ во скопски Петровец денеска беа претставени 17 нови лесни оклопни возила „страјкер“ (stryker), набавени од Соединетите Американски Држави како дел од договорот за опремување на АРМ со лесни оклопни возила.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека со овие возила значително ќе се зајакне капацитетот на македонската Армија.
„Ова за нас многу значи, ја подобрува оперативноста, ја зголемува мобилноста на самата Армија и на тој начин стануваме поконкуретни споредено со другите армии. Ќе продолжиме и во иднина да инвестираме во нашата Армија. Сакаме да имаме целосно нова современа опрема“, рече Мицкоски.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека ова е еден од најкрупните проекти на одбрана и оти е многу важно да се продолжи со обуката.
„Сега стигнаа 17 ‘страјкери’, останатите би требало да пристигнат до средината на летот се надевам. Јас сум благодарен што зад нас може да видите и други возила што во минатото биле во гаражите, а благодарение на проектот со Америка ги ставивме во функција и останатите возила“, рече Мисајловски.
Вршителката на должност амбасадорка на САД во земјава Никол Бернс истакна дека ова е важен ден за Северна Македонија и за НАТО, како и за нашата заедничка безбедност.
„Кофинансирана од Северна Македонија и САД преку финансирање на странски војски, оваа програма покажува што можеме да постигнеме кога финансираме заедно во нашата колективна одбрана“, рече в.д. американската амбасадорка.
„Обуката за оператори и одржување на терен, што сега е во тек во Петровец и Штип ќе помогне овие возила да бидат подготвени кога ќе биде потребно“, додаде Бернс.