Претседателот на помладокот на Левица казнет 550 евра за истакнување палестинско знаме


Левица со објава на социјалните мрежи ја извести јавноста дека претседателот на помладокот на партијата – Црвена младина, Андреј Куцуловски, е пуштен од полициска станица со изречена глоба од 550 евра за поттикнување насилство и омраза, поради внесување на палестинско знаме.

Од партијата во објавата наведуваат дека за овој „прекршок“ била ангажирана поголема група полициски службеници, кои привеле млад човек кој, како што тврдат, не пружил никаков отпор и не предизвикал инцидент. Според Левица, тој бил спроведен со лисици и без претходно јасно образложение за основот на приведувањето.

Тие додаваат дека, истовремено, полицијата под раководство на министерот Панче Тошковски не постапува со иста ефикасност во случаи на сериозни кривични дела, вклучително и насилство и семејно насилство.

„Државата казнува солидарност, а премолчува насилство“, стои во реакцијата.
Левица во објавата оценува дека станува збор за селективен пристап и политички мотивирано постапување на институциите, при што, според нив, државата се става во функција на дневнополитички и надворешни агенди.

Во објавата се наведува и дека Македонија историски стоела на страната на угнетените и правдата, додека денес, како што велат, се оддалечува од тие вредности.

Од партијата порачуваат дека ваквите случаи претставуваат предупредување за состојбата во општеството и односот кон граѓаните со различни ставови, стои во објавата. објави Скопје1.мк