Претседатели без смисла за хумор


ЕРОЛ РИЗАОВ

Тројцата кандидати за претседател на државата во предизборната кампања се „мртви“ сериозни, стегнати, подуплашени и повеќе намќорести отколку насмеани. Тешко ја совладуваат тремата на разумно ниво. Не верувам дека дотолку немаат смисла за хумор, малку да се нашалат и насмеат и на своја и на туѓа сметка, да покажат дека имаат дух, дека не играат руски рулет, дека не се во гладијаторска арена и дека не се борат на живот и на смрт, колку и да е силен притисокот од нивните работодавачи.

И тројцата универзитетски професори знаат дека паметните луѓе ги следат изборните ветувања и надмудрувања како политички циркус, кога најмногу се лаже, дури повеќе после лов и риболов, па поважен им е впечатокот за личноста отколку она што ќе го ветат. Од предизборните лаги поголеми се само лагите пред војна кога прва гине вистината. Но тоа е една дрaматична атмосфера кога „татковината повикува“ на борба за слобода. Изгледа нашите кандидати кои имаат најголеми шанси да победат оваа работа ја сфатиле баш така, па тргнале во ајдуци и во партизани да ја спасуваат и мајковината и татковината, иако никој однадвор не ја нападнал. Однатре – да. Долги години беше заробена, сега е во пост трауматски период по клептократскиот режим.

Еве, на пример, сигурен сум дека тазе регрутираниот голем патриот, Сирма Војвода на ВМРО-ДПМНЕ, повикана од татковината, Гордана Силјановска-Давкова не е сенилна, напротив, има одлично памтење во детали за своето детство, дури што би се рекло од денот на раѓање во татковата куќа во Охрид во Народна Република Македонија. Нормално, како и секој човек со силен ум, така и Силјановска брзо ги заборава безначајните работи, па макар се случиле и вчера, или пред неколку минути. Тоа се вика селективна правда, пардон меморија. Еден голем и силен мозок, кој дневно прима многу информации, автоматски ги брише неважните работи. Ако не ги брише, ќе експлодира, ќе се измешаат настаните и времињата. Затоа воопшто не е важно дали зборува пред кавадарчани или неготинци, дали е во Кочани или во Кичево, каде и да е, знаела или не знаела, свекрвата е од Кочани, нема потреба од делење на граѓаните кој од каде е и кој е. Сите сме еднакви пред законот и пред Силјановска која е мајка на сите, па ќе стане и мајка на свекрвата.

Мене ме воодушевува што Силјановска ја спомнува својата свекрва на митинг во нејзиниот роден град Кочани. Тоа многу кажува. Лесно е да се спомнуваат мајка и татко, ама свекрва тоа е веќе голем чекор на меѓусебно разбирање и љубов. Не гледам зошто би требало на некого да му се извинува што кажала Кичево наместо Кочани, или што наместо неготинци им се обратила на граѓаните со кавадарчани. Тоа воопшто не се суштински работи за една мајка на сите, затоа наместо извинување на своите деца во двата случаи требаше да се има малку смисла за хумор, оти мајка ги сака сите свои деца подеднаково.

Кај суштинските работи, Силјановска, исто така, ја прифаќа како голем успех својата брза еволуција, толку брза што на некого може да му изгледа како моментална колективна амнезија, дека не чул добро и не разбрал што таа кажала пред неколку минути или часови. Еве, на пример, Преспанскиот договор, кој требаше прво да се поништи, па потоа да се преправи на поарно, со тоа што уставното име ќе остане трајно и непроменливо, сега станува применливо и Силјановска ќе го применува новото име Република Северна Македонија. Што има тука нејасно, па во уставот пишува Република Северна Македонија. Како легалист и заговорник на владеење на правото и професор по уставно право таа ќе го почитува уставот. Се разбира. А, дома како и сите други сопартијци и патриоти ќе може да си потпевнува: делете ја парчете ја, пак ќе биде цела. Во домашни услови зборот северна ќе биде надвор од употреба. Тоа е исто како оној голем јунак што се помочал в гаќи кога поминувал владетелот, па по падот на диктаторот се фалел дека јавно мочал пред него.

Треба само уште неколку дена да поминат и уште неколку средби да се остварат на многу значајно ниво за да созрее следната еволуција дека Силјановска кога бара владеење на правото мисли на непречена работа на Специјалното и на редовното јавно обвинителство и на сите судски инстанции и на целиот правосуден систем. Манипулативна е и голема невистина дека таа заговара општа амнестија на сите и дека досега изречените казни се драконски за невини луѓе. Напротив, Силјановска, како поборник на владеење на правото и почитување на уставот, ќе бара ригорозна пресметка со криминалот, корупцијата и злоупотребата на овластувањата, нарушување на човековите права и слободи, на сите сторители на кривични дела, без оглед дали се работи за носители на поранешната власт или на актуелната. Ами како, тоа е резултат на неселективно владеење на правото, подеднакво за сите. Всушност, професорката лесно ќе нè убеди дека никогаш и не мислела поинаку. Не сме ја разбрале добро. Сите што се огрешиле ќе се соочат со правдата која никој не смее да ја попречува. Таа прва ќе ѝ ја честита на Катица Јанева за повторниот избор на јавен обвинител на специјалното обвинителство, со охрабрување и натаму да продолжи со својата работа, се разбира, ако стане претседател на државата.

Ако Силјановска стане мајка на сите граѓани, преку ноќ ќе се релаксираат односите меѓу етничките заедници во Северна Македонија. Веднаш ќе биде исправено уште едно големо недоразбирање кое предизвика нова доза на нетрпеливост и омраза. Законот за употреба на јазиците, особено на албанскиот јазик, под итно ќе претрпи големи измени, ама со негово подобрување и со проширување на правата на употреба на јазиците на сите етнички заедници кои живеат во Македонија. Не чудете се. Гордана Силјановска-Давкова е голем граѓански активист, демократ и легалист, која по изборот за претседател на државата ќе го почне големото сенародно движење за европска Северна Македонија и за граѓанско демократско општество со владеење на правото подеднакво за сите. Некогаш работите треба да се гледаат од карикатуралната смешна страна за да се види подобро колку се големи лагите и глупостите што се прават во предизборните лупинзи.