Претседател на Собранието повторно Албанец?


Фото: ТВ 21

Мицкоски е на пат да формира мнозинство од 65 пратеници, објави „Телма“ од партиски извори. Петмина од новите пратеници кои добиле мандат на пратенички листи од партии и коалиции кои ќе одат во опозиција, наводно изразиле подготвеност да ја поддржат политиката на новата влада, додека двајца сè уште размислувале за оваа можност.

Информацијата може да е и блеф на ВМРО-ДПМНЕ пред преговорите со „Вреди“, од каде пак пуштија спин дека ќе добијат четири министерски места, претседател на собранието и 300 (!) директорски места.

Инаку, преговарачките тимови на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ утре ќе ја имаат првата средба, но поконкретните преговори ќе ги почнат од следната недела. Засега нема најави за преговори со ЗНАМ и со „Левица“, иако не се исклучува таа можност. Почетната понуда на Мицкоски се четири, најмногу пет министерски позиции за влез на „Вреди“ во владина коалиција. Позицијата на „Вреди“ е да добие пет до шест министерства, плус претседател на Собранието.

Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека „Вреди“ го сака ресорот здравство кој би отишол кај тимот на Арбен таравари,  вицепремиерското место за политички систем ем за  партијата на Изет Меџити, како и директор на Царина, додека Алтернатива на Ефрим Гаши наводно ги бара ресорите економија или образование, а Беса на Билал Касами ресорот култура.

Од партијата на Мицкоски тврдат дека претседател на Собранието ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ, зашто имаат 58 пратенички мандати наспроти 13 мандати, кои на изборите ги освои „Вреди“.Во оваа партија тврдат дека „Вреди“ во никој случај нема да ги добие  МВР, финансии и транспорт и врски. Во зависност од бројот и тежината на министерствата ќе зависи и распределба на директорски позиции за „Вреди“.  Доколку и ЗНАМ влезе во владината коалиција, партијата предводена од Димитриевски би добила едно министерство.

Висок функционер од „Вреди“ за „Слободен печат“ сепак изјавил дека со една од трите најважни функции во државата ќе раководи Албанец, во случајов претседател на Собранието, бидејќи претседателската и премиерската функција веќе се на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, за ова има расположение кај ВМРО-ДПМНЕ.

Ако не се брои Фатмир Битиќи како член на СДСМ, во владата на Димитар Ковачевски имаше осум Албанци министри, односно не многу повеќе, во ситуација  кога СДСМ имаше само 41 пратеничко место, што беше многу понекомотна и речиси невозможна позиција за составување влада без големи отстапки.