Претреси во канцелариите на Државниот пазарен инспекторат во Кочани и Виница


Фото: Б. Грданоски

 

Претреси за прибирање доказен материјал од изутринава направиле истражни органи на Јавното обвинителство и на МВР во канцелариите на Државниот пазарен инспекторат во Кочани и Виница.

Во рамки на увидот што бил направен во Кочани, службените лица прибирале доказни материјали поврзани со трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, а сличен претрес е направен и во Виница, со оглед што од таму се поранешниот и актуелниот раководител во Одделението за инспекциски надзор во Штип, кое е надлежно за градовите во Источниот регион, јави дописникот на МИА.

Во меѓувреме, активности за контрола на работата на угостителските и други објекти во Кочани од утрово преземаат и општинските инспекциски служби, главно во Трговскиот центар каде што се наоѓа другиот угостителски објект на сопственикот на дискотеката „Пулс“.

Обвинителството денеска соопшти дека се извршени претреси на пет локации во Кочани и во Скопје, при кои се одземени дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење.