Пресвртот на Трамп кај царините предизвика колапс на рекордната трговија со бакар

Пазарот на бакар се соочи со најдраматичните потреси оваа година откако американскиот претседател Доналд Трамп одеднаш го ослободи рафинираниот бакар од новите царини од 50 проценти, со што ги намали цените на металот во Америка и ги загрози трговските позиции што глобалните трговци ги градеа со месеци.
Цените на бакарот на берзата во Њујорк Comex паднаа за повеќе од 21 процент, што претставува најголем дневен пад во историјата, додека цените на Лондонската берза на метали (LME) останаа речиси непроменети.
Премијата што ја имаше американскиот пазар во однос на европскиот беше намалена од повеќе од 30 проценти на само еден процент – и тоа во рок од само неколку дена, објавува Блумберг.
Одлуката за ослободување на рафинираниот бакар од царини е целосно спротивна на пазарните очекувања, а последиците веќе се чувствуваат низ целиот свет.
Американските трговци, во очекување на високи царини, набрзина набавија големи количини бакар, а сега овие залихи остануваат во магацините, додека веќе има шпекулации за нивно повторно извезување.
На почетокот на годината, администрацијата на Трамп објави царини за бакар, што ги охрабри трговците да пренасочат големи количини од овој метал кон Соединетите Американски Држави.
Кога на почетокот на јули беше потврдено дека царинската давачка ќе изнесува 50 проценти, започна вистинската трка – некои бродови се обидоа да стигнат до хавајските пристаништа пред крајниот рок.
Новата царинска давачка, сепак, се однесува исклучиво на полупреработени производи – цевки, жици, прачки, лимови и други бакарни компоненти, додека рудите, концентратите, катодите и анодите, како и рафинираниот бакар, остануваат надвор од нејзиниот опсег, пренесува Танјуг.