Пресврт во случајот со Данка Илиќ. И второосомничениот го смени исказот – вели не е виновен


Дејан Драгијевиќ, еден од осомничените за убиството на девојчето Данка Илиќ во Бањско Поле, на денешното рочиште во Вишото јавно обвинителство во Зајечар го негираше убиството, неофицијално дознава Нова.рс.

Драгијевиќ истакнал дека на 26 март, кога била пријавена за исчезната, не ја ни видел Данка. Драгијевиќ беше донесен во обвинителството нешто пред 10 часот бидејќи претходно преку својот адвокат кажал дека сака повторно судење. Според сознанијата на српскиот портал, тој целосно го повлекол претходно даденото признание.

Тој негираше сѐ што претходно призна
Како што пишува српскиот портал, тој демантирал сѐ што првично кажал. А тоа, да потсетиме, е дека малото девојче било удрено од автомобил, убиено, а нејзиното тело било фрлено во депонија. Неговото сослушување сега се совпадна со приказната за Срѓан Јанковиќ, неговиот колега и уште еден осомничен за исчезнувањето на девојчето, кој исто така го повлекол признанието што претходно го дал во полиција.

Неодамна, пак, во случајот се појави нов сведок кој рече дека на кобниот 26 март го видел автомобилот на „Водовод“ во Бањско Поле каде исчезна девојчето.

Да потсетиме, девојчето, според полициската верзија, излегло на улица, каде најпрвин со службеното возило ја удриле вработени во комуналното претпријатие „Водовод“. Ја ставиле во автомобилот и продолжиле да возат, а во еден момент се испоставило дека таа не умрела, туку се онесвестила и наводно била убиена од еден од осомничените. Телото било фрлено во депонија, а подоцна наводно е преместено на непозната локација. Ова е официјалната полициска верзија на приказната.

Не се пронајдени биолошки траги
Но, на возилото со кое наводно е извршено делото, ниту во него не се пронајдени биолошки траги од девојчето. Не беа пронајдени ниту траги од удар. На облеката на осомничениот полицијата не пронашла биолошки траги од детето. Не е пронајдено ниту телото на исчезнатото девојче, иако детално е пребарана депонијата каде што наводно осомничените го фрлиле телото на жртвата, извести полицијата.

„Тоа е фијаско на истрагата, целиот случај се темели на изјавите на осомничениот во полиција, а не се знае под кои околности биле дадени, дали биле присутни бранители, дали биле бранители по службена должност или избрани бранители. Полицијата ја водеше истрагата, иако законот одамна предвидува дека истрагата треба да ја води обвинителството, а не полицијата. Дополнително, полицијата јавно ги обелодени деталите од истрагата, што е неприфатливо“, изјави за Нова.рс српскиот адвокат Боривоје Боровиќ пред новото сведочење на осомничениот.

Телото на Данка до денес не е пронајдено
Драгијевиќ и Јанковиќ, работници на Општинското претпријатие, беа уапсени на 4 април, а таткото и братот на Дејан, Радослав и Далибор Драгијевиќ, беа уапсени два дена подоцна бидејќи помогнале да се сокрие телото на девојчето. Еден ден подоцна, на 7 април, Далибор Драгијевиќ починал во полициската станица во Бор, како што открива порталот Радар, како последица на тепање. Во моментов се води истрага за смртта на Далибор Драгијевиќ.

Телото на Данка Илиќ до денес не е пронајдено.