Престојот во природа ја намалува желбата за пушење и алкохол


Фото: Б. Грданоски

Лицата кои имаат пристап или живеат близу зелени површини поретко се склони кон пушење или да продолжат да пушат, покажа новото британско истражување чии резултати се објавени во магазинот „Социјална наука и медицина“.

Резултатите на студијата спроведена меѓу 8.000 Британци ги доведуваат во врска близината и пристапот до зелени површини со тоа дали човек ќе стане пушач и поголема веројатност да се ослободат од оваа лоша навика.

Студијата покажа дека кај лицата кои пушеле воочена е 12 отсто поголема шанса дека ќе престанат ако живеат во близина на зелени површини.

Резултатите од истражувањето кое го спровеле научниците од Универзитетот во Плимут, Екстер и Виена, не се смениле ни кога во обзир бил земен социо-економскиот статус на учесниците и нивното различно здравствено однесување.

Порано студиите на истите научници покажале дека и самиот поглед на природата и зелени површини ја намалуваат желбата на поединецот за алкохол, цигари и нездрава храна.

Постојат докази од порано според кои набљудувањето на природата го намалува нивото на стрес и ја зголемува благосостојбата на поединецот.

Авторите на студијата истакнуваат дека станува збор за прво истражување кое експлицитно ги доведува во врска „поголемиот удел на зелените површини во окружување со намалувањето на нездравиот начин на живот“, вели Сабин Пал, коавторка на студијата и специјалист за урбана и еколошка психологија на Универзитетот во Виена.

Таа и нејзините колеги веруваат дека зголемувањето на бројот на зелените површини може да прерасне во делотврона стратегија на јавното здравство која значително ќе придонесува за намалување на бројот пушачи во општеството.