Премиерот Ковачевски го посети КИЦ во Софија- како да се доближи македонската култура до бугарската јавност


Во рамки на посетата на Бугарија, премиерот Димитар Ковачевски го посети Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, јави дописникот на МИА од Софија.

Димитар Ковачевски и македонската владина делегација предводена од него беа пречекани од директорот на КИЦ Сашко Насев, кој ги запозна со неговите активности. Насев во галеријата на КИЦ на македонскиот премиер и на министрите за економија и надворешни работи Крешник Бектеши и Бујар Османи им ја покажа изложбата „Панта реи“ на македонскиот уметник и скулптор Марјан Стојаноски.

Насев го запозна Ковачевски и со претстојната Европска ноќ на литературата, која ќе се одржи на 7 септември во Софија и со читателското гнездо на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Бугарија, каде што е објавена книгата на македонскиот писател Александар Прокопиев „Човечулец“. Оваа збирка раскази годинава беше преведена на бугарски јазик во издание на издавачката куќа „Книги за секого“.

Директорот на КИЦ во Софија и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, разговараа за културната интеракција за подобро запознавање на бугарската јавност со достигнувањата на македонската култура.