Премиерката на Финска отишла во клуб и покрај тоа што била во контакт со заразен


Сана Марин отишла во диско клуб и покрај тоа што било препорачано да се изолира откако беше заразен министерот за надворешни работи

 

Премиерката на Финска се најде под остри критики откако беше откриено дека таа останала надвор да танцува до раните часови за време на викендот и покрај тоа што знаела дека била изложена на Ковид-19.

Сана Марин (36) се извини во понеделникот откако озборувачко списание објави нејзини фотографии во ноќен клуб во Хелсинки во саботата навечер каде останала до речиси четири часот наутро, неколку часа откако нејзиниот министер за надворешни работи, Пека Хаависто, беше позитивен на коронавирус.

„Мојот сопруг и јас… бевме надвор да јадеме, пазаревме во градот, се видовме со пријатели и исто така поминавме време [уживајќи] во вечерните часови и ноќниот живот“, напиша лидерот на социјалдемократите на Фејсбук.

Таа рече дека официјален претставник ѝ кажал дека упатствата за коронавирус не бараат од неа да се изолира, и покрај тоа што била во контакт со заразено лице.

„Требаше подобро да проценам и да ги проверам упатствата што ми беа дадени. Многу ми е жал што не разбрав дека треба да го направам тоа“, напиша Марин.

Во анкетата нарачка од ТВ каналот МТВ3, две третини од испитаниците рекле дека ноќното излегување на Марин било „сериозна грешка“.

Опозициските партии ја критикуваа Марин за потенцијално кршење на правилата за  ковид.

Министерката за финансии, Аника Саарико, од партијата Центар, партнер во владејачката влада, не ја критикуваше директно Марин.

Сепак, таа за весникот „Хелсингин саномат“ рече дека ѝ е „драго што бев дома“ кога добила СМС порака да се изолира и ги одложила плановите за следниот ден.

Финска има некои од најниските европски инциденци на вирусот во текот на пандемијата, забележува повеќе од 196.000 случаи и 1.384 смртни случаи во земјата со 5,5 милиони луѓе.

Марин, која стана најмладата премиерка на светот кога беше назначена во 2019 година, претходно беше цел на критики поради забавите во нејзината официјална резиденција и објавите на социјалните мрежи во кои позира со пријателите или се чини дека промовира модни додатоци.

Во октомври таа им одговори на критичарите со објава на Инстаграм цитирајќи финска поп песна во која се вели: „Еј бум-бум-бумер, стави малку мраз во шапката и излади ја“.

Таа подоцна изјави за радиодифузерот Yle: „Јас сум претставник на помладата генерација, и да, тоа се одразува на начинот на кој ја работам мојата работа и како живеам“. (АФП)