Предвесник на самостојна Mакедонија: Утре, 35 години „Матица македонска“


Фото: Б. Грданоски

Основана на 24 август 1991 година, само петнаесет дена пред историскиот референдум од 8 Септември, „Матица македонска“ стана првата издавачка куќа на самостојна Македонија и три и пол децении ја пишува својата приказна паралелно со приказната на македонската држава

Утре, на 24 август, се навршуваат точно 35 години од основањето на „Матица македонска“ – издавачката куќа чиј почеток е неразделно поврзан со еден од најзначајните мигови во современата македонска историја.

„Матица македонска“ е основана на 24 август 1991 година. Само петнаесет дена подоцна, на 8 септември, граѓаните на Македонија на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава. Издавачката куќа создадена во предвечерјето на независноста, така стана првата издавачка куќа на самостојна Македонија.

Во близината на тие два датума, денес се чита многу повеќе од календарска коинциденција. „Матица македонска“ и самостојна Македонија растат низ исти три и пол децении. Додека државата ја градеше својата современа институционална биографија, „Матица“ преку книгата го градеше и зацврстуваше просторот на македонскиот јазик, книжевност, култура, историја и паметење.

Поетот, книжевен критичар и антологичар Раде Силјан ја основа „Матица македонска“ во време на голем национален и општествен пресврт, со јасна определба книгата на македонски јазик да стигне до македонскиот читател и до секој македонски дом. Од неколкуте први изданија од областа на македонското културно наследство и етнологијата се разви издавачка програма што во следните 35 години ќе опфати речиси цела една културна карта на Македонија.

Денес, зад „Матица македонска“ стојат над 3.000 наслови, објавени во повеќе од шест милиони примероци. Во таа продукција се вградени македонската книжевност, книжевната критика и наука, историјата, филологијата, етнологијата, фолклористиката, археологијата, историјата на уметноста, публицистиката и капиталните монографии. Особено место имаат изданијата посветени на македонското културно наследство и на неговите најзначајни духовни, историски и уметнички средишта.

Таа издавачка мисија добива особена тежина во периодите во кои Македонија минуваше низ политички и општествени премрежиња, меѓународни спорови и оспорувања што задираа во прашања поврзани со македонскиот јазик, историја, културна посебност и идентитет. „Матица“ на тие предизвици одговараше со она што е најсвојствено за една издавачка куќа – со книги. Со дела што документираат, паметат и пренесуваат. Со изданија што, независно од дневните политички околности, остануваат трајни сведоштва за македонската култура и научна мисла.

Во тој континуитет, „Матица“ стана дом на големи имиња од македонската книжевност, наука и култура, и на автори што и денес активно ја создаваат македонската книжевна и научна продукција. Нејзиниот каталог, затоа не е само збир од наслови, туку простор во кој се среќаваат генерации и во кој наследеното се чува додека новото се создава.

Еднакво значаен столб е преводната книжевност. Низ три и пол децении „Матица македонска“ создава широк и вредносно осмислен преводен каталог, од антиката и светските класици до висококвалитетни и читателски релевантни дела од современата светска книжевност. Со внимателен избор, истакнати преведувачи и уредничка грижа за македонскиот текст, светската книжевност станува достапна на македонски јазик, а македонскиот јазик постојано се потврдува како јазик способен да ги пренесе најсложените книжевни искуства.

За местото на „Матица македонска“ во годините на самостојна Македонија можеби најсилно говори оценката што академик Гане Тодоровски ја запиша пред две децении.

„Матица македонска“ не е само издавач туку е и симбол на современата македонска држава.“ – академик Гане Тодоровски

Во истиот запис, Тодоровски ја препозна „Матица“ како дом на македонското слово создаден во мугрите на самостојната македонска држава, како заштита на тоа слово во тешки времиња и како мост по кој македонскиот писател стигнува до читателот и до светот. Денес, во годината кога и „Матица македонска“ и самостојна Македонија навршуваат 35 години, таа оценка добива уште поголема историска тежина.

Во изминатите децении, „Матица“ вложуваше не само во создавањето книги, туку и во создавањето читатели. „Книга во секој дом“ има традиција подолга од четврт век, а „Клуб Матица“ денес обединува над 55.000 читатели. Податоците од изминатите години сведочат и за силниот раст на интересот за домашната книга, од 7 проценти учество на македонските изданија во продажбата во 2000 година до 83 проценти во еден подоцнежен период.

Јубилејната 2026 година, затоа, не се сведува на протоколарно славење. „Матица македонска“ ја чествува 35-годишнината со квалитетна издавачка продукција, со афирмација на македонските автори и со дарување книги. Преку иницијативата „Подари книга, подари свет“, македонски книги стигнаа до читатели, ученици и македонистички средини надвор од земјата, а во Македонија и до млади читатели и библиотеки на кои им е потребно обновување на фондот.

Преку програмата „Зад датумот: Овој Илинден, Македонија се чита“ беше отворен и јавниот повик „Каде недостигаат книги за Македонија?“, на кој пристигнаа близу 90 пријави. По повод двојниот јубилеј, фонд од 35 книги е наменет за училишната библиотека при СОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Неготино, достапна за околу 500 средношколци и нивните наставници.

Така, 35-годишнината се чествува со она поради што „Матица македонска“ постои – со книгата, со нејзиното создавање, со нејзиното патување до читателот и со нејзиното останување како културна трага.

Утре „Матица македонска“ влегува во својата 36. година. Петнаесет дена подоцна Македонија ќе одбележи 35 години од референдумот за самостојност. Меѓу тие два датума се протега една силна симболичка линија во поновата македонска културна историја.

„Матица македонска“ се роди во предвечерјето на самостојната држава и сите три и пол децении што следуваа ги помина со македонската книга, македонскиот јазик и Македонија. И таа приказна продолжува.