Предновогодишниот концерт „Jingle Bells Symphony“ на Сара Мејс – распродаден


Најавата за предновогодишниот концерт „Jingle Bells Symphony# разбуди голем интерес кај публиката. Има уште една недела до концертот, а веќе е целосно распродаден.

Музичкиот спектакл кој на 18.12.2023 ќе го приредат Sarah Mace & the Christmas Girls и Камерниот Оркестар на Битола е полн погодок за вистинско предновогодишно уживање во изведбата на светски најпопуларните Божиќни песни, јавноста тоа го препозна и картите веднаш се продадоа. Последниве неколку дена се бара место повеќе, а Македонска Филхармонија ќе блесне во полн сјај, без ниту едно празно столче.

Концертот ќе започне во 20 часот, а публиката ќе ја доживее оваа зимска концертна магија слушајќи ги песните како „Jingle Bells“, „Santa Claus is comin to town“, „Deck the halls“, „All I want for Christmas“, „Елко, елко“ и многу други.

Овој бајковит музички репертоар ќе вклучува нови аранжмани за оркестар и пет уникатни женски вокали.

Песните ќе бидат отпеани од исклучителните вокали на Сара Мејс, Калина Велковска, Полина Тасева, Ана Петановска и Теа Богатинова, зачинети со звуците на маестралните музичари од Камерниот оркестар на Битола под диригентската палка на единствениот Владимир Димовски.