Предавања во Планетариум на 3 и 4 март со Скопско астрономско друштво
Скопско астрономско друштво се враќа со серија предавања во Планетариумот при Младинскиот културен центар во Скопје кои ќе се одржат на 3-ти и 4-ти март во два термини, од 19 и 20ч.
На предавањата, присутните ќе можат да видат симулација на ноќното небото ослободено од облаци и светлосно загадување. Предавачот Радан Митровиќ ќе ја запознае јавноста со најинтересните и најважните соѕвездија и објекти, како и со календарите и нивната поврзаност со ноќното небо.
„Централна улога има Планетариумот и неговата волшебна способност да ни го долови ноќното небо со преубав приказ на ѕвездите, да ни покаже како тоа се менува кога се наоѓаме на разни позиции на Земјината топка, но и да го забрза текот на времето, а со тоа и движењето на ѕвезденото небо над нас“, стои во најавата за предавањата.
Согласно насоките за заштита од корона вирусот, местата се ограничени на 30, а секој посетител задолжително треба да носи маска во текот на целото предавање.
Предавањата се адаптирани за лица над 10 години. Предавањето со термин во четврток од 19 часот, ќе биде дополнително прилагодено за деца, посочуваат од Скопското астрономско друштво.
Планетариумот е во состав на Младинскиот културен центар (МКЦ), а влезот е од страната која гледа кон Македонската радио телевизија.
Билетите, кои се во строго ограничен број, може да се набават во билетарницата на МКЦ по цена од 150 денари.
За информации за билетите може да се јавете на 071 305 695, додека за информации околу предавањата може на 076 439 027.