Пред два и пол месеци литар дизел чинеше 65 денари, а сега 92 денари

За седумдесет дена цената на дизелот во Македонија скокна за 40 проценти. До каде ќе оди зголемувањето на цената никој не знае. Владата засега не презема мерки


 

За само два ипол месеци најупотребуваното гориво за автомобили кај нас, Еуродизелот, поскапе за над 40 отсто или за дури 27,5 денари. Слично е и со бензините, иако таму, поради традиционалната повисока цена од дизелот, поскапувањето е 16,5 денари, или околу 23 отсто. До каде ќе оди зголемувањето на цените, тоа никој во моментов не може да предвиди, но генерално, ќе зависи од развојот на настаните во Ормускиот теснец, но и од мерките кои може да ги преземе Владата.

Според соопштенијата кои што ги објавува Регулаторната комиисија за енергетика, цената на литар дизел на бензинските пумпи во земјава на 23 декември лани била 64,50 денари, а непосредно пред Нова година, на 30 декември, се зголеми на 65 денари за литар, за потоа повторно да се намали на 64,50 денари за литар, колку што изнесуваше до 21 јануари.

Од тогаш наваму, цената на дизелот драматично оди нагоре, прво на 66,50, па 67,50 за потоа да се стабилизира неколку недели на 68 денари, потоа се зголеми на 69 и на 71 денари за литар, по што следуваше ценовниот шок – пораст на 85,50 денари и сега на 92 денари.

Од табелата и од графиконот се гледа трендот и „трката“ меѓу горивата, како и „превратот“ на дизелот, кој сега значајно е над цената на бензините.

Иако во повеќе европски земји дизелот вообичаено е поскап од бензинот, поради политиката која ја водат тамошните влади за дестимулирање на автомобили со вакво гориво, кај нас дизелот во најголем дел од годините беше поекономичната варијанта.

На ваквиот тренд, според познавачите, најмногу влијаат актуелните состојби на пазарот, пред сѐ геополитичките состојби.

Како што се наведува во најновата одлука на РКЕ за зголемување на цените, од 16 овој месец, малопродажните цени на нафтените деривати во просек се зголемија за 8,98% во однос на малопродажните цени од 9 март.

Според РКЕ, референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 16,9% или за 136,7 долари/тон, кај дизелот зголемувањето е во просек за 11,7% или за 117,500 долари/тон, а влијание имаше и курсот на денарот во однос на доларот, кој во просек изнесува 53,2 ден/долар и е за околу 0,84% повисок од курсот на доларот (52,8 ден/долар) по кој беа формирани цените со претходната пресметка.

Фото: Б. Богдановска

Најновите информации од пазарите во светот не се оптимистички, односно покажуваат дека цените на нафтата скокнаа за повеќе од 3 отсто во вторник, бидејќи неизвесноста околу коалицијата предводена од САД за заштита на превозот низ Ормускиот теснец остана.

Меѓународната референтна цена на суровата нафта Брент порасна за 3,43% на 103,65 долари за барел, додека американската сурова нафта од Западен Тексас порасна за 3,85% на 97,08 долари за барел.

Главна причина, како што наведуваат светските агенции, се мешаните пораки што доаѓаат за времетраењето на војната, како и зголемениот ризик танкерите за нафта да минуваат низ Ормутскиот теснец.

Сообраќајот на бродови низ виталната бродска линија нагло се намали по иранските напади, предизвикувајќи едно од најголемите прекини во глобалните резерви на нафта во историјата.
Сместен помеѓу Оман и Иран, теснецот служи како витална артерија за глобалната трговија со нафта. Околу 13 милиони барели дневно минуваа низ него во 2025 година, што претставува околу 31 отсто од сите текови на сурова нафта по море, според консултантската куќа за енергетика „Кплер“.

Дали сепак е можно кај нас да има интервенција во малопордажната цена на дериватите?
Од ОКТА и од Владата се пофалија дека дистрибутерите кои се снабдуваат со горива од ОКТА до крајот на март ќе добијат попуст од два денари за литар, но не е јасно дали оваа одлука се преточи и кај бензинските пумпи. Од најголемиот дистрибутер, „Макпетрол“, кој располага и со најголем број бензински пумпи во земјава, два пати реагираа дека сѐ уште немаат написмено добиено таква одлука.

Цените на дериватите добија и политичка димензија. Откако СДСМ во неколку наврати побара Владата да реагира со намалување на ДДВ и на акцизите, а Владата не презема такви мерки, денеска од опозициската партија најавија дека ќе поднесат четири закони во Собранието со кои ќе се овозможи намалување на ДДВ за нафтените деривати, намалување на акцизата, но и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на цената на патарините.

Од Владата велат дека ја следат ситуацијата и дека доколку потребно ќе преземат мерки, но засега се потпираат на солидарноста од трговците дека нема да посегнат по зголемување на цените, иако во маркетите кај некои производи веќе има поскапување (маслото за јадење, јајцата и сл.). (M.J.)