Пречистете ги рачињата од медот

Парите се собрани, грантовите доделени, само изгледа нема кадарни луѓе кои конечно треба да ја почнат изградбата на пречистителната станица во Скопје


Речиси и да нема потреба да се зборува колку му е потребна на Скопје пречистителна станица за отпадни води, и тоа не само за исполнување на европските обврски во екологијата или да се тргне петното од Скопје, за кој се вели дека е единствен главен град во Европа без пречистителна станица. Туку за во Вардар да тече чиста вода, да пливаат риби, а не фекалии, да не се труеме од сопствените отпадоци, за да бидеме цивилизирани.

Скапа е изградбата на вакви објекти, тоа е јасно, но пари се собраа, што од кредити (136 милиони евра), што од грантови (80 милиони евра што не ќе мора да ги враќаме), но како да нема кадарен човек, жена, тим  и да ја изгради пречистителната станица. Проектот е сериозно почнат во 2018 година. Значи, досега сме потрошиле цели пет години, а од пречистителната станица се знае само локацијата. Таму некаде кај Трубарево. За да може да работи таа пречистителна станица, потребни се колектори од неколку различни правци. Само тие и се изградени од претходниот градоначалник Петре Шилегов, но не до крај. Сепак, работата се чинеше дека тргна.

Но, како по правило, дојдоа избори – локални, се смени градоначалникот, па проектите на претходниците замреа, се забавија, се оставија недовршени, се чешлаа документации, се бараа грешки… сѐ само не се правеше следниот чекор.

За да биде неизесноста уште поголема, на денот кога требаше да се отворат тендерските документации за избор на изведувач за пречистителната станица, новата градоначалничка Данела Арсовска го разреши од неа поставениот директор на „Водовод и канализација“ Златко Перински, кој дојде од ВМРО-ДПМНЕ, партијата која на избори ја поддржа независната Арсовска. Па дури и од местото шеф на кабинетот на партискиот лидер Христијан Мицкоски.

Следеа објаснувања од една и друга страна, Арсовска обвини дека „директорчето го фатила со рачињата во медот“, обвинувајќи дека тој фаворизира една од фирмите конкуренти за градители на пречистителната станица, а тој пак врати дека Данела ја фаворизира другата фирма.

Од тогаш, низ „Водовод и канализација“ продефилираа уште двајца директори, Марјан Митовски и сегашниот Драган Илиевски, кој претходно раководеше со Зоолошката градина во Скопје.

Сега Илиевски ќе треба да спроведе изградба на пречистителната станица за отпадни води и потоа да раководи со неа – секако, ако се задржи доволно долго на директорското место. Нему ќе му се падне и експропријацијата и поттикнувањетоо на работата за донесување на ДУП, во надлежност на Општина Гази Баба и дел на Аеродром. Да го измоли Град Скопје да се смилува, та да изгради инфраструктура на ледината, каде треба да никне пречистителната станица, затоа што покрај неа поминува само железничка пруга и еден земјен пат. На другата страна е Вардар, реката што треба да ги прими пречистените отпадни води од најмалку 500.000 жители на Скопје.

А пречистителната станица за отпадни води не е само широк кружен базен, како што повеќето замислуваат и цевка што водата ќе ја потера до Вардар. Не, не! Околу неа има влезна порта и ограда, станица за подигнување, гас линија под висок притисок, објекти за пречистување со песок, резервоари за таложење, единица за отстранување на мирис, пумпни станици за тиња, два високонапонски далноводи 110 kV, сушари, административна зграда…

Цел еден комплекс, обрабен со високи дрвја за заштита на околината, особено блиската заштитена зона Острово, а и да личи на светски објект, за кој, ако не знаеш дека тука се прочистуваат водите од фекалии, да помислиш дека е некоја вселенска станица.

Па, зошто тогаш сите наши политичари како да си играат играчки со овој толку важен објект, и тоа под лупата на Европската унија и Европската инвестициска банка.
Зацртаниот (во документи влезен) рок за изградба е 2030 година, а конечниот капацитет на пречистителната станица треба да се исполни во 2045 година, со дополнително, фино пречистување на водата, можеби изгледа дека е далеку, па да си рече човек: „Има време!“

Но, не е така далеку. Тоа е истата година (2030) за која и од Европа и од дома нѝ порачуваат дека е можно да влеземе во Европската унија. По толку чекање, некако, не ни се чини дека е многу.

Ама пречистителната станица, рековме, засега е ледина. Ако направиме аналогија со железничката пруга кон Бугарија, 2030 година ќе нѐ удри в лице, онака европски. Може и ќе станеме членка на ЕУ, а ќе останеме со колекторите на Шилегов.

Затоа, откако потпишавте договор за грант уште од 70 милиони евра со ЕИБ, чија претставничка им кажа дека на сите кои грмеа за „рачињата во медот“ дека сѐ е чисто, засукајте ги ракавите и сработете го она за што ве избрале граѓаните. Истите оние граѓани за чии интереси велите дека работите.

Дали „лаже, лаже Дана“, дали некој „брца рачиња во мед“, други институции треба да истражат. Годината 2030 тропа на вратата, отворена од 206-те милиони евра кои стојат непотрошени, од некадарни луѓе.