Празници се ближат во Скопје … (галерија)
Со измешани чувства ја завршуваме 2020 година. За некого беше долга, мачна и несреќна, за некого беше среќна и пролета за миг. Со надеж ја дочекуваме новата 2021.
Можеби е нова, но не е безгрешна, со себе ги влече старите (не) пријатели како радоста, болката, гордоста или срамот, ќе нè израдува, ќе нè усреќи, ќе нè разочара, ќе нè расплаче, ќе нѝ донесе мир или неспокој, ќе нè издигне кон врвот или ќе нè повлече кон дното, ќе нè направи побогати или посиромашни духовно или материјално-вие си знаете.
Чудно, а можеби не, веќе никој во Скопје не прашува каде за Нова година. Таа без голема врева, спонтано, пристигна во главниот град, на плоштадот со високата елка како горда дама на која градоначалникот Шилегов ѝ скрои неколку новогодишни тоалети. Само во центарот се чувствува празничниот амбиент со елегантните украси и со замислени или насмеани граѓани и деца.
Галеријата на нашиот фоторепортер Борис Грданоски нè води низ новогодишно Скопје кое заличува на европска метропола. Лошите мисли ги растерува како темен облак, а убавите мисли се појавуваат на хоризонтот како виножито по дожд. Ама реалноста е посилна. Звукот на романтичните балади се меша со сирените на амбулантните возила, а црвената и сина боја на сирените се натпреваруваат со светлечките балони кои ви се нудат на секој семафор.
Насекаде е тенка линијата меѓу надежта и очајот, па и во Скопје. Само здравје, и здрав разум. Да си посакаме убави желби, и некој да нѝ ги оствари. (Л.С.)