Праведната транзиција во Кичевско
Напуштањето на јагленот во сите сектори поради стакленичките гасови носи процес на промена на енергетскиот сектор кој ќе доведе до огромни промени секаде
Фактот дека ТЕЦ „Осломеј“ е двигател на економијата во Кичевскиот регион е општоприфатен меѓу кичевци. Но, дали мора да биде така е прашање кое никој не сака да си го постави.
Кичевскиот регион има многу можности за развој кои не се поврзани со енергетскиот сектор. Можности за одржлив туризам, земјоделство, пчеларство, дури и органско земјоделство, собирање на бобинки, печурки и лековити растенија се само некои од можностите кои на регионот можат да му донесат развој и да го стават на мапата на атрактивни дестинации кои треба да се посетат. Сепак, граѓаните на Кичево не покажуваат особен интерес за влегување во вакви дејности поради повеќе фактори за кои не побарале решение од надлежните, иако имаат право и обврска да бараат решенија за своите конкретни проблеми.
Тоа е една од причините поради која гореспоменатите дејности немаат директна и активна поддршка, иако одредена поддршка на нови бизниси е овозможена преку Агенцијата за вработување на локално ниво и е насочена кон самовработување кое може истовремено да го поттикне развојот на регионот. Од дискусиите со кичевци во изминатиов период дознавме дека голем дел од нив се согласуваат дека термоелектраната не е она што го сакаат, туку економските придобивки кои таа ги носи за регионот. Следствено, доколку тие придобивки се обезбедат од друго место и граѓаните имаат можности за достоен живот, а регионот со тоа напредува, во тој случај граѓаните не покажаа особен интерес за продолжување на работата на електраната на фосилно гориво.
Процесот на праведна транзиција е дел од промената во енергетскиот сектор која е неизбежна. Напуштањето на јагленот во сите сектори како резултат на меѓународните обврски и на заложбите за намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина во Европската унија и регионот на Западен Балкан воведува процес на промена на енергетскиот сектор кој ќе доведе до огромни промени секаде. Овие промени особено ќе се почувствуваат во регионите каде има термоелектрани на јаглен. Дури и ако овие енергетски капацитети продолжат да постојат во некоја друга форма, најверојатно како фотоволтаични електрани, бројот на вработувања кои се достапни во нив значително ќе се намали. Заради тоа, неопходно е граѓаните да бидат подготвени за промената што следува и интензивно да размислуваат што би сакале да видат во регионот во кој живеат и проактивно да бараат можности за нови дејности.
Што можеме да направиме?
Искуствата од други места, но и поранешните искуства во Македонија, покажуваат дека отпорот кон промената нема да ја спречи промената, но дека секако ќе нѐ остави неподготвени кога таа неминовно ќе дојде. За подобро да се подготвите, доколку досега не сте размислиле на темата, сега е одлично време да осмислите што сакате да видите во околината во која живеете и да изнајдете решенија за проблемите со кои се соочувате. Замислете го регионот во кој живеете онака како што би сакале да изгледа, помислете што би сакале да се развива во вашата околина. Разговарајте за тоа со вашето семејство, пријатели, колеги. Отворете ја темата следниот пат кога ќе пиете кафе со соседите и дозволете си да се надевате дека промена кон подобро е можна. Во вашите размислувања земете предвид дека за таква промена се потребни активни граѓани кои соработуваат помеѓу себе, ги споделуваат своите идеи и размислуваат за иднината на својот регион.
Преземете иницијатива и активно вклучете се во процесот на одлучување за вашата иднина.
(Невена Смилевска е проектна координаторка во „Еко свест“ – Скопје)