Пратениците на Алијанса на Албанците и Алтернатива се против каква било форма на онлајн работа на Собранието
Пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива е против каква било форма на онлајн работа на Собранието, изјави денеска за МИА координаторот Скендер Реџепи предупредувајќи дека тоа не е во согласност со законите и Уставот на државата.
Според Реџепи, зад можноста за онлајн гласање владејачките партии сакаат да го прикријат и онака кревкото мнозинство во Парламентот.
-И во други случаи порано пратеници изостанувале од работата на Собранието, вели координаторот на пратеничката група на АА и Алтернатива.
Како што беше соопштено, поради здравствени причини од работата на Собранието отсуствуваат шестмина пратеници, но другите може да се присутни, вели Реџепи. Опозициските пратеници, додава, никогаш не би го попречилe функционирањето на Парламентот.
-Треба да има разбирање меѓу политичките партии, истакна Реџепи.
Алијанса на Албанците и Алтернатива и пред поднесување на овој предлог го имаа истиот став во однос на онлајн работата на Собранието.
Претседателот на Парламентот Талат Џафери завчера поднесе предлог за дополнување на Деловникот за работа на Собранието со којшто би се овозможило онлајн вклучување на пратеници со Ковид-19 или во самоизолација.