Пратеничката група на ЗНАМ ќе достави иницијатива за прогласување на планината Беласица за заштитно подрачје


 Пратеникот на Движење ЗНАМ, Миле Цеков на денешната прес-конференција информира дека нивната пратеничка група ќе достави иницијатива до Министерството за животна средина и до Владата каде бараат планината Беласица да се прогласи за заштитно подрачје категорија 5, односно заштитен предел согласно Законот за заштита на природата.

-Имено, оваа наша иницијатива ја засноваме на неколку факти. Планината Беласица која се наоѓа во југоисточниот регион на нашата држава и која припаѓа на три држави. Во Република Грција, таа е прогласена за национален парк, а во Република Бугарија за заштитено подрачје. Меѓутоа, во Македонија се уште досега немало политичка волја да се прогласи за заштитени подрачје. 

Тој потенцира дека во прилог на нивната иницијатива ја доставиле и валоризираната студија на група експерти поддржана од УНДП за потребата од прогласување на планината Беласица за заштитено подрачје. Нагласи дека планината Беласица располага со големо природно и културно богатство, огромен потенцијал за развој на еко-руралниот туризам, рече Цеков.

Тој е убеден и верува дека нивната иницијатива ќе биде поддржана од страна на Владата.

Беласица е планина во југоисточниот дел на Македонија и е поделена меѓу државите Македонија (35%), Грција (45%) и Бугарија (20%). Во Македонија, оваа планина почива во близина на Струмица.  Спаѓа во групата најстари планини не само во Република Македонија, туку и на Балканскиот Полуостров. Настанала за време на создавањето на Родопските Планини.

Според висичината, таа спаѓа во групата високи планини. Наjвисок врв е Радомир (Калабак) – 2.029 метри, наречен по царот Гаврил Радомир, син на царот Самуил. На врвот Тумба се наоѓа тромеѓата меѓу Македонија, Бугарија и Грција. Тука е поставен граничен камен во вид на пирамида, што ја означува тромеѓата помеѓу овие три држави.

Беласица е богата со шуми и на неа се среќаваат дабот, буката, борот, елата, јасенот и др.

Но, таа е уште побогата со планински пасишта на кои во летниот период доаѓааат бројни стада на пасење. Само највисоките врвови на Беласица се голи и каменити. Во подножјето на Беласица извираат многубројни термални и минерални извори. Меѓу нив најпознат е изворот во с. Банско. Водата од овој извор е лековита, минерална и сулфурна со температура од 75 °С. Според температурата на водата овој извор е најтоплиот во Македонија. Исто така, Беласица е богата со рудни богатства, но сѐ уште ништо не се експлоатира. На падините на Беласица се наоѓа еден од најубавите водопади во Македонија – Смоларскиот Водопад.