Познатата писателка за деца Бистрица Миркуловска почина на 94 години


 

На 17 септември почина истакнатата писателка Бистрица Миркуловска, која со 94 години беше најстариот член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), соопшти писателската асоцијација.

Миркуловска е родена на 14 март 1930 во Скопје, Словенка по потекло, беше поетеса, македонистка, раскажувачка, детска писателка и преведувачка. Заврши Филозофски факултет во Скопје и постдипломски студии од областа на македонистиката. Работеше како професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Беше лекторка по македонски јазик и книжевност на Масариковиот универзитет во Брно, Чешка.

Авторка е на книгите: „Цвеќенца“ (поезија за деца, 1960), „Градинче“ (раскази за деца, 1962), „Првачиња“ (поезија за деца, 1972), „Празнични виделини“ (поезија за деца, 1979), „Виножито“ (раскази, 1979), „Сите деца мили“ (поезија за деца, 1982), „Ѕвездена“ (бајки, 1986), „Виделина“ (бајка, 1989), „Клучарчиња“ (роман за деца и млади, 1992), „Прекршен лет“ (поезија, 1996), „Кога цутеа костени“ (поезија, Брно, 1997).

„Бистрица своите први обиди на македонски јазик, кој не ѝ беше мајчин, ги направи уште во првите македонски списанија за деца, започна да пишува уште во она време кога не беше примерно да се биде поетеса, а го издржа тој пат пред сите предизвици на поетското писмо. Да се биде писател за деца од ковот на Бистрица Миркуловска значеше да се има педагошки пристап кон детето од сите овие различни времиња што го одбележаа нашето совремие, особено од 1960-тите, од кога ѝ се првите книги за деца, преку оние турбулентни транзициски години, што меѓу првите ги внесе во литературата за деца. Зад Бистрица Миркуловска останува богат книжевен опус, грижливо создаван над шест децении“, вели ДПМ.

Добитник е на Потокарова повелба на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија за преводи од словенечки на македонски јазик. За една од последните нејзини стихозбирки „Фатаморгана“, ДПМ во 2017 ѝ ја додели наградата „Даница Ручигај“.