Пожари се споиле на Корчула, беснеат околу населените места
Голем шумски пожар беснее на хрватскиот остров Корчула, каде што повеќе огнени фронтови се споиле во еден голем пожар, принудувајќи ги пожарникарите цела ноќ да се борат за да спречат ширење на огнот кон населените места.
Во гаснењето се ангажирани околу 170 пожарникари со десетици противпожарни возила, а од утринските часови повторно се вклучени и специјализирани противпожарни авиони „Канадер“ и „Ер Трактор“, кои интервенираат од воздух.
Пожарот зафатил борова шума, ниска вегетација и маслинови насади во близина на неколку населени места. Силниот ветер и високите температури дополнително ја отежнуваат интервенцијата, поради што огнот во текот на ноќта се проширил во повеќе правци.
Хрватските служби соопштија дека засега нема информации за загинати или повредени, но дел од жителите биле повикани превентивно да ги напуштат своите домови, додека пожарникарите поставуваат линии на одбрана за да ги заштитат куќите и туристичките објекти.
Поради екстремно високите температури и сушниот период, голем дел од јадранското крајбрежје деновиве е под зголемен ризик од пожари. Хрватските власти повторно апелираа до граѓаните и туристите строго да ги почитуваат забраните за палење оган на отворено и веднаш да пријавуваат секој забележан пожар.