Повторно поништено одобрението за градење на „Шпанските скали“

Просторот каде што требаше да бидат „Шпанските скали“ сега привремено е послан со трева

Градоначалникот на скопската Општина Центар, постапувајќи во повторна постапка, донесе решение со кое се огласува за ништовно Одобрението за градење на објект со намена – комерцијални и деловни намени, од втора категорија, на улица „11-ти Октомври“ ББ во Скопје, КП бр.12069/6 и 13825/12, КО Центар 1, на инвеститорот „Амадеус дивелопмент“ – Скопје.

Со ова, соопшти денеска Општина Центар, повторно се поништува одобрението за градење на таканаречените „Шпански скали“, кои требаа да никнат на порсторот кој се наоѓа на плоштадот Македонија.

Во донесеното решение е наведено дека инвеститорот не пријавил отпочнување на градба, согласно член 67 од Законот за градење, ниту пак отпочнал со градба во рок подолг од две години од правосилноста на одобрението, согласно член 66 став 1 од Законот за градење, според кој одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.

„Првично, градоначалникот на Општина Центар – Скопје на 09.02.2018 година донесе Решение со кое се огласува за ништовно Одобрението за градење на кое инвеститорот поднесе жалба до второстепениот орган, а подоцна поведе и управен спор пред Управниот суд“, се појаснува во соопштението од Општина Центар.