Повторно опожарена трска на струшкото крајбрежје, трет случај во две недели


 Околу 3.000 метри кубни трска е опожарена на струшкото крајбрежје покрај регионалниот пат Струга – Калишта во пожар регистриран викендов.

СВР Охрид денеска соопшти дека пожарот во ОВР Струга бил пријавен на 23 февруари во 18 часот.

Интервенирала Територијалната противпожарна единица од Струга, а повредени лица нема. Полицијата презема мерки за расчистување на настанот.

Тоа е трет случај на опожарена трска на брегот на Охридското Езеро на потегот Струга – Калишта од почетокот на овој месец. Пред само две недели во полицискиот билтен беа евидентирани два случаи на опожарени трски пред хотел и угостителски објект на струшката ривиера, при што беше уништен скапоцен био-диверзитет на површина од 250 метри квадратни.

Според податоците на СВР Охрид, минатата година на струшкото крајбрежје на потегот кон селото Калишта евидентирани се три пожари во кои е опожарена трска со вкупна површина од околу 1.400 метри квадратни, во сопственост на државата.

Во ниту еден од последните случаи не била поднесена кривична пријава.