Повторно лоши вести во автомобилската индустрија


Расположението во германската автомобилска индустрија повторно се влоши во мај по краткиот подем во април, е заклучокот од извештајот објавен денеска од Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен.

Показателот кој го мери деловното расположение во германската автомобилска индустрија падна во мај од минус 2,4 поени во април на минус 8,6 поени, според IFO.

– Трговскиот конфликт на Кина со Соединетите Американски Држави и Европската Унија за електричните возила (ЕВ) може да има сериозни последици за бизнисот на германските производители на автомобили – изјави Оливер Фалк, директор на Центарот за индустриска организација и нови технологии IFO.

Производителите на автомобили и нивните добавувачи се песимисти за развојот на сопствениот бизнис во наредните месеци, а компаниите од автомобилската индустрија се сè поподготвени за отпуштања за да се справат со зголемените трошоци, се истакнува во истражувањето.

Во земјите од Европската унија во април се регистрирани 913.995 нови автомобили, што е за 13,7 отсто повеќе во однос на истиот месец лани, објави на 22 мај Асоцијацијата на европски производители на автомобили (ACEA).

Значителен пораст на продажбата од година во година е забележан на сите големи европски пазари, а во Германија таа изнесува 19,8 отсто на годишно ниво.