Повлекувањето од ИНФ може да доведе до нова трка во вооружувањето
Неуспехот на Договорот за нуклеарни проектили со среден дострел – единствен Договор за разоружување со кој е елиминирана цела категорија нуклеарно оружје, претставува чекор назад за заговорниците за контрола на вооржувањето, а аналитичарите стравуваат дека колапсот на историскиот Договор би можел да доведе до нова трка во вооружувањето помеѓу САД, Русија и Кина.
Со Договорот (Intermediate-range Nuclear Forces treaty – ИНФ) беше забрането производство, тестирање и распоредување на крстосувачки и балистички ракети со дострел од 500 до 5.500 километри. Договорот го одржуваше европскиот простор без нуклеарни ракети три децении, а во согласност со него беа уништени речиси 2.700 крстосувачки и балистички ракети.
Потписници на Договорот ИНФ се тогашниот американски претседател Роналд Реган и советскиот лидер Михаил Горбачов.
И САД и Русија денеска го прогласија Договорот ИНФ за неважечки и меѓусебно се обвинија за неуспехот.
– Американското повлекување… од Договорот стапува во сила од денеска… Русија е единствено одговорна за пропаѓањето на Договорот, изјави американскиот државен секретар Мајк Помпео.
Додека во соопштението на руското Министерство за надворешни работи се наведува дека „ на 2 август 2019 година по американска иницијатива истекува валидноста на Договорот за уништување ракети од мал и среден дострел потпишан на 8 септември 1987 година во Вашингтон.
На почетокот од година САД и НАТО ја обвинија Русија за кршење на ИНФ поради примена на нов тип на крстосувачки ракети. Вашингтон тврдеше дека има докази дека Русија поседува поголем број 9М729 ракети.
Официјален Вашингтон на 1 февруари годинава објави дека ќе се повлече од Договорот ако за шест месеци Русија не почне да ги почитува преземените обврски.
Рускиот претседател Владимир Путин на 3 јули годинава ратификува Закон со кој се суспендира учеството на Русија во ИНФ.
Но, американското обвинување на Русија за кршење на ИНФ датира од 2014 година откако Русија наводно тестираше крстосувачки ракети. Тогашниот американски претседател Барак Обама ја обвини Москва за кршење на Договороит, но не се повлече од ИНФ поради притисокот од европските лидери кои го предупредуваа дека тоа може да доведе до повторно покренување на трката во вооружување.
Минатата година и претставници на НАТО ја обвинија Москва дека го прекршила Договорот со развивање и поставување на ракетен систем 9М729, тврдејќи дека тоа претставува значителен ризик за евроатлантската безбедност, посочи тогаш НАТО.
Русија ги негираше обвинувањата, а Путин изјави дека тоа е само изговор што САД го користи за да излезе од ИНФ.