Повеќе од 30 луѓе загинаа во израелските напади врз градот Газа


Најмалку 32 луѓе загинаа во синоќешните израелски напади врз градот Газа, соопштија палестинските здравствени власти.

И покрај меѓународниот притисок за прекин на огнот во палестинската енклава, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја продолжува војната. Тој во обраќањето пред Генералното собрание на Обединети нации изјави дека Израел „треба да го заврши тоа што го почна“ против Хамас.

Израелската армија на 16 септември почна голема офанзива врз градот Газа, со цел да го уништи последниот голем бастион на Хамас.

Хуманитарните организации тврдат дека по интензивираните израелски напади градот Газа го напуштиле повеќе од 300.000 луѓе, но оти 700.000 не се во можност да заминат.

Во меѓувреме меѓународната хуманитарна организација „Лекари без граници“ соопшти дека ги прекинува своите основни медицински активности во областа поради брзо влошената безбедносна ситуација.

– Ескалирачките напади од страна на израелските сили создадоа неприфатливо ниво на ризик за нашиот персонал, принудувајќи нè да ги прекинеме медицинските активности што спасуваат животи, соопшти невладината организација, додавајќи дека израелските воздушни напади и напредните тенкови се на помалку од еден километар од нејзините здравствени установи.