Повеќе од 30 часа траел пожарот на американскиот носач на авиони „Џералд Форд“


Повеќе од 30 часа горела главната пералница на американскиот носач на авиони „Џералд  Форд“, пренесува весникот „Њујорк тајмс“ изјави на морнари од екипажот и официјални претставници на американската власт.

Според весникот, повеќе од 600 члена на екипажот останале без кревети во спалните одаи на бродот, двајца морнари биле хоспитализирани поради полесни повреди, а десетици имале проблеми поради вдишување чад.

Официјалните информации говорат дека пожарот избувнал во вентилациски отвор во пералницата и бргу се проширил, но не ја оштетил погонската единица на бродот. Морнарите успеале да го локализираат и изгаснат пожарот.

Бродот со екипаж составен од 4.500 морнари и пилоти на авиони ловци во моментот е на десеттата оперативна мисија, најдолга од Виетнамската војна. „Џералд  Форд“ учествува во операции на Блискиот Исток, вклучувајќи американско-израелски воени активности против Иран, по претходниот ангажман на Карибите.

Носачот сѐ уште е целосно оперативен, но проблемите со одржувањето, вклучително и дефекти на 650 тоалети и одложени периодични ремонтни работи, укажуваат на преотовареност на пловилото.

Плановите на Пентагон се носачот на авиони „Џералд Форд“ да го замени „Џорџ Х.В. Буш“ на Блискиот Исток, но експерти и припадници на морнарицата предупредуваат дека долготрајните активни ангажмани претставуваат сериозно оптоварување за екипажот и пловилото.