Повеќе од 20.000 навивачи на Босна и Херцеговина скандираа на стадионот, бучавата достигна 111 децибели
Лос Анџелес – Повеќе од 20.000 навивачи на Босна и Херцеговина создадоа одлична атмосфера на натпреварот против Швајцарија во Лос Анџелес, а колку гласна беше поддршката за „Змејовите“ покажува фактот дека бучавата на стадионот достигна 111 децибели.
Официјалниот мерач на бучава на стадионот ја регистрираше оваа импресивна бројка за време на натпреварот, потврдувајќи го она што можеше да се слушне дури и без мерење – навивачите на БиХ беа меѓу најгласните на стадионот. Набргу потоа, големите екрани прикажуваа еуфорични сцени од трибините, каде што навивачите пееја, славеа и гордо ги мавтаа своите знамиња.
Бучава споредлива со звукот на моторна пила
За споредба, јачината на звукот од 111 децибели приближно одговара на нивото на звук директно пред големите концертни звучници. Ова е бучава што може да се спореди со звукот на моторна пила во акција или сирените на брза помош и полиција од блиску.
За споредба, рекордот на ова Светско првенство го држат шкотските навивачи, кои за време на натпреварот против Хаити во Бостон достигнаа дури 125 децибели. Со ова, тие поставија нов рекорд на Светското првенство за јачина на навивање.
Тага во БиХ
Репрезентацијата на Швајцарија ја постигна првата победа на Мундијалот откако синоќа ја совлада Босна и Херцеговина со 4:1. По изедначеното прво полувреме, во вториот дел головите беа постигнати во последните 15 минути.
Швајцарија првиот гол го постигна во 74.минута кога Јохан Манзамби одлично реагираше на една одбиен топка во противничкиот 16-тник и со волеј удар ја затресе мрежата на противникот. Шест минути подоцна БиХ продолжи со играч помалку откако Тарик Мухамеровиќ доби црвен картон. Во 84.минута и вториот резервист во редовите на Швајцарија Рубен Варгас постигна гол за 2:0, а на 3:0 зголеми Манзамби во 90.минута. Во судиското надополнување на вториот дел (90+3 минута) Ермин Махмиќ го постигна почесниот гол за БиХ, додека конечните 4:1 ги постави Гранит Џака во 90+7 минута.