Повеќе од 10.000 европски хотели поднесоа колективна тужба против „Букинг“


Повеќе од 10.000 европски хотели поднесоа групна тужба против дигиталната платформа за резервации на сместување „Букинг“ (Booking.com), предупредувајќи дека нејзината клаузула за „паритет на цените“ им предизвикала загуби.

Клиентите пребаруваат сместување на „Букинг“, а потоа го резервираат на веб-страниците на хотелите по поевтини цени, нагласи компанијата, забранувајќи ја таквата практика со клаузула за „паритет на цените“.

Хотелите често се согласуваат во договорите со платформите за резервации на сместување преку интернет да не нудат пониски цени на сопствените веб-страници или на конкурентските платформи, прифаќајќи го принципот на паритет на цените.

Во меѓувреме, ЕУ усвои закон за дигитални пазари кој им забранува на големите онлајн платформи договорни одредби за „паритет на цените“, а Судот на правдата на ЕУ (ЕСП) во септември минатата година истакна дека „Букинг“ потенцијално ја ограничува конкуренцијата со договорно поставување на праг на цените за хотелско сместување.

Паритетот на цените не е од суштинско значење за економската одржливост на „Букинг“, предупредија судиите, но не го крши законот за конкуренција.

Хотелите сега поднесоа тужба во холандски суд, тврдејќи дека клаузулата за „паритет на цените“ им предизвикала загуби. „Европските хотелиери долго време се принудени да толерираат нефер услови за бизнис и прекумерни трошоци. Време е да се обединиме и да побараме надомест“, рече Александрос Василикос, претседател на здружението за угостителство HOTREC.

„Нашата заедничка иницијатива испраќа јасна порака: угостителската индустрија во Европа нема да толерира злоупотреби на дигиталниот пазар“, додаде Василикос.

Покрај HOTREC, групната тужба е поддржана од повеќе од 30 национални хотелски здруженија, координирани од Алијансата за хотелски барања. Тие имаат за цел да обезбедат надомест за штетите настанати помеѓу 2004 и 2024 година.

Според студијата на HOTREC и Швајцарското училиште за хотелски менаџмент, Booking Holdings држел 71 процент удел од европскиот пазар во 2023 година, додека уделот на директните резервации значително се намалил во последните години.

Холандските здруженија за заштита на потрошувачите најавија тужба против „Букинг“ кон крајот на јуни, тврдејќи дека ги „надувува“ цените за хотелско сместување од 2013 година.

Фондацијата за барања на потрошувачите (CCC) и Здружението на потрошувачи ги поканија граѓаните кои претрпеле штета поради практиките на „Букинг“ да им се придружат.

„Букинг“ со години наплаќа превисоки цени за хотелски соби, што им предизвикало штета на холандските потрошувачи од „неколку стотици милиони евра“, тврдат здруженијата.

„Нашата истрага покажа дека „Букинг“ ги крши прописите за конкуренција и заштита на потрошувачите од јануари 2013 година“, рече претседателот на CCC, Берт Хајкенс.