Повеќе инвестиции, поевтино задолжување… што ќе добие Хрватска со воведување на еврото во 2023 година
Клучна причина зошто земјите одлучуваат да го воведат еврото се поголемите шанси за привлекување инвестиции. На денот кога националната хрватска валута ќе замине во историјата, куните ќе се разменуваат по курс од 7,53450 куни за едно евро, а во меѓувреме дозволено е флуктуирање на курсот од плус/минус 15 отсто
Како што соопшти Европската централна банка, на барање на хрватските власти, институциите на ЕУ решија да ја вклучат хрватската куна во т.н. Механизам на девизен курс (ЕРМ 2), еден вид чекалница за еврото. По консултациите со Комисијата, со Економскиот и Финансискиот комитет, беше решено средниот курс на куната во однос на еврото да изнесува 7,53450 куни за едно евро.
До воведувањето на еврото, дозволен е пад или зголемување на девизниот курс на куната за најмногу 15 проценти. Со други зборови 7,53450 куни за евро е средниот курс по кој ќе се разменуваат куните за евра на денот кога хрватската валута ќе остане само дел од историјата, а тоа најрано може да биде на 1 јануари 2023 година.
Исто така, ова значи дека Европската централна банка го презеде и надзорот врз хрватските банки.
Поминаа повеќе од пет години откако последната земја, Литванија, се приклучи на еврозоната, па приемот Хрватска и Бугарија во механизмот ЕРМ-2, не е само голем чекор за потенцијалните идни членки на еврозоната, туку и за целата еврозона која што се бореше со голем број проблеми уште од финансиската криза во 2008 година. Со оглед што државите од еврозоната веќе една деценија се под голем притисок на стагнација, што доведе до голем пресврт во политиката на Европската централна банка, зголемувањето на бројот на земји што го користат еврото како заедничко средство за плаќање е знак дека може да ја задржи позицијата на резервна светска валута. Само уште доларот има таков статус.
Причини за воведување на еврото
Клучна причина зошто земјите генерално одлучуваат да воведат еврото, односно да се приклучат на механизмот ЕРМ 2, се поголемите шанси за привлекување инвестиции, како и поповолната цена за задолжување. Разликите во цената на задолжување за членките на еврозоната во споредба со оние членки на ЕУ кои не го вовеле еврото се многу значајни.
Од активирањето на механизмот ЕРМ-2, Хрватска и Бугарија ќе треба да го одржуваат курсот на националната валута во опсегот плус / минус 15 проценти во однос на еврото и да поминат најмалку две години во механизмот на девизниот курс. Во суштина, тоа значи дека еврото би можело да се воведе во Хрватска на првиот ден од 2023 година.
Хрватска влезе во механизмот ЕРМ 2 во многу чувствителни времиња, така што не е јасно до кој степен ќе може идната членка на еврозоната да дозволи отстапување од основните индикатори што земјата мора да ги контролира, исто како што мора да го контролира курсот во опсег на плус / минус 15 проценти спрема еврото. Како прво, се следи нивото на јавниот долг, инфлацијата и буџетскиот дефицит.
Што се однесува до инфлацијата, Европската централна банка систематски се обидува да ја „разбуди“ меѓу членките на еврозоната, но во тоа не е особено успешна.
Јавниот долг и буџетскиот дефицит се критериуми што сигурно ќе бидат многу флексибилни на патот за закрепнување од кризата предизвикана од пандемијата со КОВИД-19.
На состанокот на Еврогрупата, која ги собира министрите за финансии, веќе беше заклучено дека фискалната реакција на кризата е целосно оправдана и, всушност, им даде зелено светло на членките да продолжат со експанзивната фискална политика во оваа, но исто така, доколку е потребно, и во 2021 година. ЕУ ќе толерира кршење на критериумите од Мастрихт, како и на оние на Пактот за стабилност и раст, сè додека економската активност не се врати на нивоата од 2019 година. Со други зборови, земјите засега ќе можат да ја надминат границата на буџетски дефицит од 3 отсто од БДП, како и 60 отсто на јавниот долг во однос на БДП.
Деликатен момент
Со оглед на нивото на напнатост помеѓу понеуспешните јужноевропски земји (Италија, Шпанија, Грција…) и побогатиот север во однос на условите за финансирање на закрепнувањето, одлуката за влез на Хрватска и Бугарија во еврозоната доаѓа во многу деликатно време. Јужните земји сега инсистираат на највисоки можни грантови без никакви услови, а оние од северните земји бараат спроведување на реформите и поголем удел на заеми во однос на грантовите.
На некој начин, Европската централна банка веќе ја третира Хрватска како да го активираше механизмот ЕРМ 2. Имено, по избувнувањето на кризата предизвикана од пандемијата со КОВИД -19, премиерот Андреј Пленковиќ и гувернерот Борис Вујчиќ се согласија со ЕЦБ за т.н. своп линија од 2 милијарди евра која на хрватската Народна банка и овозможува замена на евра за куни. Сега кога официјално е под ЕРМ 2, оваа линија се очекува да биде технички обновена на почетокот на следната година, што значително ги релаксира грижите на ХНБ за контролата на девизниот курс и за одржување на надворешната ликвидност на земјата. По избувнувањето на кризата предизвикана од пандемијата поради стабилизирање на девизниот курс, ХНБ продаде околу 2,6 милијарди евра на комерцијалните банки, со што се намалија девизните резерви, но останаа на солидно ниво од околу 15 милијарди евра нето. Покрај тоа, комерцијалните банки имаат 5-6 милијарди евра кои можат да ги повлечат од странство доколку е потребно. Во овој контекст е важно да се потенцира дека ризиците од девизниот курс, што можат да предизвикаат големи проблеми за малите економии со сопствена валута, ќе исчезнат со пристапувањето во еврозоната.
Бидејќи хоризонтот за влез во еврозоната сега е јасно исцртаан, ХНБ ќе мора да побрза со техничките подготовки за воведување на еврото како валута за плаќање. На пример, ХНБ планира да изгради нов национален трезор како најсовремено место за чување и ракување со готовина. Банкнотите и монетите во куни сè уште можат да го користат застарениот централен трезор на тековната локација во старата зграда ХНБ, но кога ќе пристигнат првите пратки на евро банкноти во земјата, модернизацијата на управувањето со готовина ќе стане неопходност. Новиот национален трезор најверојатно ќе биде изграден на просторот на касарната Кроација, која се наоѓа веднаш до населбата Дугава во Нов Загреб.
Што е ЕРМ 2
Европскиот механизам за девизен курс 2 (ЕРМ 2; порано ЕРМ – European Exchange Rate Mechanisam 2) постои од воведувањето на еврото во 1999 година и во основа е дел од европскиот монетарен систем кој треба да ги намали големите скокови на девизниот курс на државите што се подготвуваат за влез во еврозоната.
ЕРМ 2 постави критериуми кои се единствен механизам за проценка на политиките на идните членки на еврозоната (девизен курс, инфлација, дефицит, јавен долг).
ЕРМ се заснова на идејата за фиксирање на курсевите, но со можност да се менуваат до одредено ниво, што се нарекува „полу-врзан“ систем.
Во моментов, во рамките на режимот ЕРМ 2, националната валута е дозволено да се менува плус / минус 15 проценти во однос на еврото.
Од земјите што сакаат да го воведат еврото се очекува да бидат во механизмот ЕРМ 2 најмалку две години пред да станат полноправни членки во еврозоната.
Со активирање на механизмот ЕРМ 2 се утврдува девизниот курс со кој ќе се разменува националната валута за евра во моментот на воведувањето на еврото како официјално средство за плаќање.
Влезот во ЕРМ 2 е најверојатно безбеден пат за воведување на еврото со мали шанси за промена на политиката.
Еврозоната моментно има 19 членки. Сите земји-членки, освен Данска, имаат обврска да го усвојат еврото. Данска инаку учествува во ЕРМ 2. (Јутарњи лист)